Намален јавниот долг на државата

121

Светската банка забележа дека Македонија за краток период има исклучителен напредок во управувањето со јавниот долг, соопшти Министерството за финансии.
Во објавата за напредокот во рамките на Програмата за управување со јавниот долг и ризиците, од Светска банка посочуваат дека последнава година во Македонија во рекордно време се постигнати напредок и приближување на управувањето со јавниот долг во однос на добрите меѓународни практики, со значително подобри резултати во однос на другите земји.

„Обемот на реформи што се имплементираат во согласност со програмата, можеби е преамбициозен за другите земји, но не и за тимот од секторот за јавен долг во Министерството за финансии на Македонија.
Обично државите реализираат една по една компонента од програмата, поради ограничени човечки ресурси, бидејќи треба да ги спроведат реформите покрај секојдневните работи. Но во Македонија е различно.
Таму има разбирање во тимот, ко, патем, се состои само од 10 луѓе, дека се потребни реформи и напорно работат на сите компоненти“, вели Родриго Кабрал, тим-лидер од Светска банка.

Tимот за јавен долг во Министерството за финансии работи на подобрување на стратегијата за јавен долг, на нов закон за јавен долг, на развој на домашниот пазар на државни хартии од вредност и на ИТ-системот за управување со долгот.
Како што истакна министерот за финансии Драган Тевдовски, на расправата за завршна сметка за 2017 година во Собранието, иако наследил брзорастечки јавен долг, изминатата година Министерството за финансии успешно управувало со долгот.
Како резултат на тоа во 2017 година, првпат по девет години, јавниот долг како процент од БДП е намален, велат од МФ.