Надувани пробни балони го издишуваат Уставот на државата

190
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пилот-информациите во јавноста како „општествен експеримент во живо“ од страна на политичките центри на моќ

Пробните балони во принцип се пуштаат за создавање пилот-перцепција во јавноста за некој политички наратив. Во истиот контекст, пробниот балон е во функција и за подготвување терен за спроведување некоја дотогаш (не)прифатлива идеја. Практиката покажа дека не е невозможно пробно надуваниот и пуштен балон како вест да се претвори во нова нормалност и да се преточи во позитивното право…

Со конституирањето на Собранието со новиот пратенички состав, закажано на 4 август, би требало да заврши политичкиот комбинаторно-рекомбинантен постизборен период, во кој сите политички чинители што на парламентарните избори освоија мандати пуштаа т.н. пробни балони дека успеале да постигнат договор за коалицирање во новата влада. Всушност, по конституирањето на Собранието, претседателот Пендаровски има рок од десет дена да му го додели мандатот за формирање влада на оној што ќе го извести дека обезбедил мнозинство за формирање влада. А според изјавите на лидерот на СДСМ и коалицијата „Можеме“, Зоран Заев (кои освоија 46 мандати), официјалните преговори за формирање влада ќе се одвиваат по 4 август.

Но дали тоа значи дека сите досегашни „неофицијални коалициски проекти“ пласирани во јавноста ќе завршат како експерименти во обид? Една од таквите сензационалистички најавена партиско-политичка комбинаторика беше и информацијата дека е постигнат договор за коалицирање на СДСМ и ДУИ, со примена на формулата „ротирачки премиер“, со варијанта 3+1, односно 3 години владата да ја води премиер од поголемиот партнер во коалицијата, една година од помалиот. Уште не беа „дочитани“ деталите од шпекулацијата, кога од СДСМ (а и од ДУИ) пристигна демантот дека воопшто се разговарало за составување влада, а аналитичарите целиот случај го оквалификуваа како пробен балон.

Сепак, повеќе претходни искуства во македонската политика оставаат простор за резервираност дека пробните балони едноставно издишуваат, се губат во политичкиот етер или целосно се дисквалификувани како лажни вести.

– Идејата за ротирачки премиер, во комплет со претседател на Собранието, што неодамна беше реафирмирана како шпекулација за договор за коалицирање, првпат мислам дека беше пуштена пред пет-шест години. Идеолог на овој проект е Љубомир Фрчкоски, кој како предлог го изнесе веројатно пред некои избори, за придобивање на албанските гласови и партии. Така што, иако засега е демантирана како лажна вест, не би ја отфрлил како невозможна за реализирање ваквата идеја. Пробните балони во принцип се пуштаат за создавање навика во јавноста за некој политички наратив и за подготвување терен за спроведување на некоја дотогаш неприфатлива идеја. А се покажа дека точката на топење на принципиелноста во македонската политика е многу ниска, па не е невозможно сегашната „лажна вест“ да се претвори во „нова нормалност“ – вели Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес, политички активен од независноста на Македонија како пратеник во првиот македонски парламент.

Петров потсетува на неколку важни политички ситуации, кога нешто што се демантирало еден ден, утредента се потврдило како точна информација.
– Во првите години од независноста на Македонија (1992-1993), во една пригода новинарите го прашуваа тогашниот министер за надворешни работи Стево Црвенковски дали навистина е постигнат договор за менување на знамето и на член од Уставот со кој се откажуваме од малцинствата, а тој категорично одговори дека тоа не е точно. Веќе утредента се потврди дека се менуваат знамето и Уставот – се потсетува Тодор Петров, кој вели дека оттогаш во македонската политика сите големи отстапки и барања за уставни измени почнуваат како лажни вести и пробни балони.

Исто така, потсетува дека првата албанска паравојска на ОВК беше формирана во Македонија, а ја предводеше Гзим Острени…, преку потпишувањето на рамковниот договор, па до т.н. тиранска платформа, за која сѐ уште се тврди дека е „непостојна“, а законот за двојазичност што е поставен во неа стана дел од македонскиот устав. На сличен начин беше донесен и Преспанскиот договор, а во тек е и спроведувањето на договорот со Бугарија.

– Вообичаениот епилог на сите македонски отстапки спрема другите е дека еднаш стекнатото (даденото) право тешко се враќа – вели Петров.
Во однос на промовираниот, па демантиран договор за коалицирање со ротирачки премиер, поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски не ја отфрла можноста дека тој сепак нема да заврши како целосно лажна вест. Дипломатот подолго време предупредува со тези што се доста тврди, а сценаријата негативни за државата и нејзиниот унитарен карактер.

– Веќе подолго време Македонија оди кон федерализација на земјата и тоа е факт што речиси секојдневно се потврдува. Почнавме со т.н. мајски договор за коалицирање на победник со победник на изборите, добивме консензуален претседател, и сега, како финална точка, ќе имаме консензуален премиер. Сите тие случаи се на линија на федерализација на земјата, која македонските политичари ја голтаат преку редовните уцени на Албанците и еден ден веројатно ќе се чудат – што ни се случи. Тоа се погубни политики, тоа е бришење на македонскиот карактер на државата и нејзина поделба, со што и формално ќе се затвори македонското прашање – го проценува ваквиот коалициски маневар дипломатот Ристо Никовски.