Ова е период на затишје и на отсуство на очекуваните конфронтации и групирања на православните цркви по линија на (не)поддршка на Руската црква и на Вселенската патријаршија. Другите православни цркви се решиле да апелираат на помирување, за наоѓање компромисно решение од страна на Вселенската патријаршија и на РПЦ во духот на христијанската љубов. МПЦ во овој случај останува трпеливо да чека да се заокружи процесот со украинската автокефалност и потоа, по истиот принцип, вселенскиот патријарх да го стави на дневен ред решавањето на нејзиниот канонски статус

Поделеноста во православниот свет, која се очекуваше да се случи по одлуката за признавање на автокефалноста на Украинската православна црква од страна на Вселенската патријаршија, засега не добива драматични размери, што индиректно ѝ оди во прилог и на Македонската православна црква-Охридска архиепископија. И покрај тоа што Руската православна црква ја прекина комуникацијата со Вселенската патријаршија, не се создадоа дополнителни поделби и проблеми меѓу другите православни цркви.
На МПЦ ѝ останува трпеливо да чека да се заокружи процесот со украинската автокефалност и потоа по истиот принцип вселенскиот патријарх да го стави на дневен ред решавањето на нејзиниот канонски статус.
Аналитичарите велат дека во ваква ситуација особено е важно што Српската православна црква не застана директно зад Руската црква, што дава надеж дека вселенскиот патријарх може да ги придвижи и прашањето за признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА.
– Во таков случај реакцијата на црковен Белград би била поостра, но тешко дека таа би се одлучила на прекин на односите со Вселенската патријаршија, дотолку повеќе што освен Руската, ниту една друга црква не размислува за такво нешто – објаснуваат аналитичарите.

Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски смета дека големо влијание во одлуките на некои православни цркви да не застанат на страната на Руската има и геополитичката ситуација, особено што матичните држави на дел од тие цркви се членки на НАТО. Тој потврдува дека ова е период на затишје и на отсуство на очекуваните конфронтации и групирања на црквите по линија на (не)поддршка на Руската црква и на Вселенската патријаршија. Преостанатите православни цркви, според Ѓорѓевски, се решиле да апелираат на помирување, за наоѓање компромисно решение од страна на Вселенската патријаршија и на РПЦ во духот на христијанската љубов.

– Како прв потег тоа можеше и да се очекува. Не е во духот на христијанството веднаш да се отвора конфронтација туку прво да се направи обид за смирување. Дали ваквата состојба и натаму ќе продолжи е неизвесно. Можно е Руската црква да побара подиректна поддршка од црквите што ѝ се блиски, како на пример од Српската, Грузиската, Антиохиската, црквата на Чешка и на Словачка, за да покаже дека има сојузници и дека не е изолирана – истакна Ѓорѓевски.

Тој смета дека во следниот период големо влијание ќе има и тоа дали некоја држава во која дејствува некоја православна црква е членка на НАТО и на ЕУ. Црквите не можат да бидат изолирани од геостратегиските конфронтации што се случуваат околу Украина.

– Не верувам дека може да се очекува дека Романската црква (каде што неодамна беше Вартоломеј на осветување нова црква) ќе застане на страната на Руската црква. Не верувам дека и Грчката, Албанската, Полската, па и Бугарската црква ќе застанат на страната на Руската, од причина што ќе водат сметка за интересите на ЕУ и на НАТО. Дури и СПЦ е мирна, што ме охрабрува во мислењето дека доколку вселенскиот патријарх го направи истото тоа во однос на МПЦ и ја признае, СПЦ нема да реагира толку жестоко – посочува Ѓорѓевски.

Засега од МПЦ нема никакви информации за најавите за признавање на нејзината автокефалност од Вселенската патријаршија. Во Синодот на МПЦ сѐ уште постои верување дека процесот за признавање на автокефалноста останува под покровителство на Вселенската патријаршија, како и дека вселенскиот патријарх Вартоломеј не се откажал од намерата за решавање на канонскиот статус на црквата во Македонија. Во МПЦ владее оптимизам дека токму таа, по Украинската црква, би била следната црква што би требало да ја добие својата автокефалност.

Сепак, многу аналитичари сметаат и дека откако ќе се затвори прашањето за промена на името на државата, вселенскиот патријарх ќе ги засили процесите и за признавање на црквата.

МПЦ останува на ставот дека решението на нејзиниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА.