МПЦ-ОА нема да брза со одговор за СПЦ

139
Фото: Игор Бансколиев

Верските аналитичари велат дека владиците на МПЦ-ОА мора да останат доследни на својата историска одлука да се изборат за признавање на автокефалноста на нашата црква преку апелациската постапка што пред една година ја поведоа пред Вселенската патријаршија, која потоа одлучи да ја стави на дневен ред за разгледување

На владиците на Македонската православна црква-Охридска архиепископија не им е приоритет да одговорат на одлуката со која Српската православна црква реши да ги возобнови преговорите. Велат дека сѐ додека не добијат писмено известување од српските владици нема да разговараат на оваа тема. За нив приоритетно прашање се односите со Вселенската патријаршија и очекуваниот одговор на вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој пред некое време се заложи прашањето на МПЦ-ОА, односно за решавање на нејзиниот канонски статус и за прогласување за автокефална црква во православниот свет, да го стави во процедура за разгледување.
Владиката Тимотеј, воедно и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА, вели дека сѐ уште не е информиран дали воопшто стигнало некакво известување од Српската црква за евентуално воспоставување дијалогот меѓу двете цркви.

– Седницата на Синодот е закажана за 19 јуни годинава. Ако дотогаш стигне некакво известување до нас, и тоа доставено исклучиво во писмена форма, тогаш секако дека би го ставиле на дневен ред и би се произнесле со соодветен наш став. Но сѐ додека информациите ги добиваме преку медиумите не можеме ништо да коментираме, ниту, пак, да одлучуваме – одговара г. Тимотеј.

Инаку, МПЦ-ОА веќе неколку пати има излезено со свој став дека решението на нејзиниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија возобновена во лицето на МПЦ-ОА.

Верските аналитичари велат дека владиците на МПЦ мора да останат доследни на својата историска одлука да се изборат за признавање на автокефалноста на нашата црква преку апелациската постапка што пред една година ја поведоа пред Вселенската патријаршија, која потоа одлучи да ја стави на дневен ред за разгледување.
Тие сметаат и дека МПЦ-ОА треба да чека изјаснување и став од Вселенската патријаршија за нејзиното прашање, зашто таа е последната инстанца што може да ѝ го додели томосот за автокефалност.

– Секоја одлука што ќе ја донесат македонските владици треба да биде јасна и прецизна, за да излезат достојни чувари на духовноста, изворната вистина и суштината на својата национална православна црква – додаваат аналитичарите.
Според нив, сега состојбите на политички план во Македонија изгледаат поинаку и постои поволна клима за решавање на долгогодишниот црковен проблем, особено по промената на името на државата, како и по завршувањето на претседателските избори во земјата.

[email protected]