МО: Соработката на Македонија и Црна Гора во одбраната пример за регионот

91

Министерствата за одбрана и армиите на Македонија и Црна Гора имаат одлична соработка која може да биде пример за регионот, оцениле државните секретари во двете министерства, Драган Николиќ и Слободан Филиповиќ.

Делегација од Министерството за одбрана на Црна Гора, предводена од државниот секретар Филиповиќ, на покана на својот домаќин, Николиќ, во изминатите два дена беше во работна посета на Република Македонија.

На нивната средба посебно била нагласена соработката во областа на образованието на питомци од Црна Гора на Воената академија во Република Македонија, која во континуитет се реализира од 2010 година, како и летачката обука на припадници од воздухополовството на двете армии.

– Државниот секретар Николиќ го запозна Филиповиќ и со стратешките приоритети на Министерството за одбрана, посебно со донесувањето на Стратегискиот одбранбен преглед и активностите кои произлегуваат од него. Делегацијата од Црна Гора ја посети водухопловната бригада и се запозна со нејзината мисија и задачи, а во разговорите стана збор и за досегашната плодна соработка и начините за нејзин развој во иднина, информира Министерството за одбрана.

Делегацијата присуствувала и на церемонијата на Денот за високи гости на Летниот камп 2018, каде што кратко разговарале и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Исто така, се сретнале и со деканот на Воената академија и со питомците од Црна Гора кои се школуваат на академијата и го посетиле Центарот за обука на вода во Охрид.