МОСТ: Гласањето се одвива во најдобар ред, без посериозни неправилности

24

Гласањето на првиот круг од Претседателските избори се одвива во најдобар ред, без сериозни неправилности, а одѕивот до 13 часот изнесува 20,8 проценти, покажуават информациите од набљудувачите и регионалните канцеларии на граѓанската асоцијација МОСТ.

Само на две гласачки места се забележани изолирани неправилности, рече на прес-конференција Златко Димитријоски, претставник на МОСТ.  На гласачкото место 2805/1 во општина Центар во Скопје на почетокот од гласањето биле откинати три ливчиња заедно со серискиот број од кочанот. На гласачкото место 1385/1 во Прилеп, пак, како што наведе Димитријоски, откако еден гласач гласал било увидено дека не бил запишан во Избирачкиот список, но тој гласал заедно со неговата сопруга која била запишана во Избирачкиот список и која се потпишала во него.

Димитријоски соопшти дека според податоците добиени од ПВТ програмата (паралелно сумирање на гласовите),  која претставува математичко-статистички научен метод, одѕивот на гласачите до 11 часот е 11,2 проценти, до 12 часот е 15,9 проценти, додека до 13 часот е 20,8 проценти

Следната прес-конференција на МОСТ ќе се одржи во 19 часот.

МОСТ го следи денешното гласање со над 1500 набљудувачи. На 1.160 гласачки места избрани според случаен и репрезентативен примерок, распоредени се исто толку набљудувачи, со што се покриени 33 отсто од вкупниот број гласачки места во државава.