Можно поевтинување на становите, но не и во општина Центар

61

Становите во општина Центар нема да поевтинат, но во останатите општини е можно намалување на цените за некој процент, оцени денеска Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Македонија.

Во услови на намален обем на трансакции со недвижностите, како и зголемена понуда на станови, како што рече Серафимовски, во иднина само квалитетот ќе ја определува цената на пазарот.

– Апелираме до сите потенцијални купувачи да обрнат посебно внимание при купување стан во наредниот период. Досега  побарувачката беше  многу голема и се продаваа становите врз база на локацијата, укажа Серафимовски- истакнувајќи дека во следниот период само купувачите ќе ја диктираат цената на станот.

Според Серафимовски, квалитетен стан стан секаде ќе биде скап.  Ако станот на пример во Карпош е квалитетен, тој ќе си има цена. Поентата е зградите кои се помалку квалитетени а сакаат да ја одржат цената по која се прдоава во општината дека нема да го издржат тој тренд, укажа Серафимовски.

Тој најави дека Здружението ќе одржува обуки  кои ќе им помогнат на граѓаните да ја проценат вредноста преку квалитетот на материјалот за што треба да побараат сертификат од изведувачот, бројот на паркинг места, зелена површина. Во Скопје, појасни, малку е извртена сликата што е скап стан. Скап стан не е локациски добар стан, туку технолошко-технички изведен стан со материјали од највисок квалитет што нуди најдобри услови за живот, потенцира Серафимовски.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека кај нема да се случи поскапување на становите како во 2008 година кога државата беше во слична ситуација во однос на зачленувањето на НАТО и цените беа зголемени за 25 проценти.

Според одобренијата за градење, во првите четири месеци од годинава е предвидена изградба на 2.150 станови, што е намалување од 29,64 проценти во однос на истиот период лани, кога биле предвидени 3.056. Иако во намален обем, како што укажуваат од комората, изградбата на станбени објекти и покрај големиот број непродадени станови продлжува. Податоците на Катастарот покажуваат пад на пазарот на недвижности во однос на обемот на тргување. Од регистрирани 11.363 продажби, само 963 (8,5 проценти) биле прва продажба на недвижноста.

Податоците на Државниот завод за статистика, покажуваат дека лани биле изградени 5.622 стана, за 9,20 проценти помалку во однос на 2016 година кога биле изградени 6.192 станови. Најмногу се градело во скопскиот регион, во општините Аеродорм, Карпош и Кисела Вода. Највисоки се цените во Центар каде изнесуваат 1.300 евра за метар квадратен, во Кисела Вода, Аеродром и Карпош од 950 до 1.050 евра.

Здружението за градежништво ја поддржува ревизијата на деталните урбанистички планови поради кои има застој во издавањето на одобренијата за градење, но потенцираат дека очекуваат извештај и позтивни резултати со рационално уредување на просторотр.

По согледувањето на резултатите од работењето на градежните компании констатирале дека за разлика од претходните години лани градежништвото забалежа пад во БДП од 13,7 проценти главно поради запирањето или забавувањето на крупните инфраструктурни проекти финансирани од државата, но и забавувањето на инвестицикста активност на приватниот сектор.

Според Серафимовски, со продолжување на моменталните инфраструктурни проекти и реализиација на најавените ќе има многу поголем раст на градежништвото отколку во периодот на проектот Скопоје 2014.

Падот во нискоградбата во првиот квартал од годинава во однос на истиот квартал лани од 68,4 проценти, главно се должи на запирањето на капиталните проекти, пред се на застојот на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, експресниот пат Градско-Прилеп и гасоводната мрежа кај Неготино. Влијание имале и лошите временски услови. Од Здружението апелираа до надлежните институции побргу да се надминат причините за застојот за да се спречи натамошните загуби во градежниот сектор. Меѓу останатото, побараа поддршка и за  градежните компании кои се препознатливи по својот квалитет и имаат стекнато референци да работат и вршат градежни работи во странство. Вредноста на извршени градежни работи во странство лани во однос на 2016 година бележи пад од 37,2 процента. Во периодот јануари-март годинава вредноста на договорените градежни работи во споредба со истиот период од претходната година бележи пад од 61,1 процент, додека вкупната вредност на извршените градежни работи има пад од 12,6 проценти.