Може ли Македонија да го издржи товарот на НАТО?

651
Фото: Игор Бансколиев

Со евентуално зголемување на воениот буџет на членките на Алијансата од два на четири проценти од бруто-домашниот производ, колку што сега трошат САД и како што побара американскиот претседател Доналд Трамп, воениот буџет на Македонија, доколку стане членка, би можел да изнесува околу 400 милиони евра годишно

Доколку НАТО го испочитува новиот пакет на барања на американскиот претседател Доналд Трамп за зголемување на воениот буџет на членките на Алијансата од два на четири проценти од бруто-домашниот производ, колку што сега трошат САД, воениот буџет на Македонија, доколку стане членка, би можел да изнесува околу 400 милиони евра годишно.
На ваква калкулација нѐ наведува последниот развој на настаните на завршниот ден од самитот на НАТО во Брисел, кога Трамп од преостанатите 28 членки побара да почнат сериозно да ја сфаќаат обврската да се одбранат од надворешни напади и да почнат интензивно да се вооружуваат, а не, како што рече, упорно да се потпираат врз американската армија.

Во овој момент повеќето членки на НАТО не ја исполнуваат ниту сега преземената обврска да трошат два процента од бруто-домашниот производ, а некои трошат дури помалку и од еден процент. САД одамна ги критикуваат сојузниците дека не го споделуваат на фер начин товарот на буџетот на НАТО, со издвојување помалку од два отсто од БДП за потребите на одбраната.

Англискиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) информира дека Трамп истовремено побарал од сојузниците и скратување на претходно договорениот рок (од самитот во 2014 година) за зголемување на висината на буџетите на сојузниците, со кои се предвидуваше до 2025 година сите членки на Алијансата да достигнат висина од два процента од националниот БДП. Американскиот претседател сега на состанок зад затворени врати од сојузниците побарал сето тоа да се случи многу порано од планираното, односно до јануари 2019 година.

Трамп во Брисел изјавил дека на овој начин во касата на НАТО ќе се создаде годишен буџет од 3,3 милијарди долари за функционирањето на Алијансата.
По состанокот, како што е пренесено, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кратко изјавил дека сите сојузници јасно и гласно ја разбрале пораката на претседателот Трамп.

Ако се тргне од најновите барања на Трамп и од многубројните стручни публикации на оваа тема, во моментов, условот за финансиско дејствување во НАТО е државата да одвојува меѓу 1,9 и 3 проценти од националното БДП.
Сепак, само седум земји-членки на сојузот трошат во рамките на проектираниот БДП за одбрана. Според познавачите, издвојувањето повеќе пари за македонската одбрана, не е потребно само за финансиски да се приближиме до стандардите на НАТО туку и за набавка на модерна опрема и современи оружени системи.
На јавна дебата на оваа тема во февруари годинава, национален координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО, Стево Пендаровски, изјави дека НАТО поседува буџет висок 2,2 милијарди долари, а овие пари ги одвојува секоја членка од својот БДП и сето тоа се движи меѓу 3,4 – 4 милиони.

– Тоа не е бројка од која треба да се плашиме. Тоа се двата лава на мостот „Гоце Делчев“ – изјави Пендаровски.
Сепак, стручната јавност не се согласува комплетно со Пендаровски. Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека новите барања што на самитот ги претставил Доналд Трамп пред сојузниците, а се поврзани со висината на финансиите за членство во НАТО од четири проценти, се навистина голем предизвик дури и за економски и воено големите држави, какви што се Германија и Франција, така што нашата земја многу тешко може да го исполни.

– Доколку се направат калкулации, Македонија за оваа намена би требало да одвојува приближно 400 милиони евра, или 24,6 милијарди денари ако се знае дека БДП на нашата земја е нешто над 10 милијарди – вели аналитичарот.
Тој додава дека и претходното планираното издвојување за НАТО, проектирано од самитот на Алијансата во 2014 година, кое беше подвлечено на два отсто, исто така, беше високо за нашата земја, а новонастанатите услови само дополнително ја комплицираат оваа состојба.

Со него се согласува и политикологот Мартин Јовановски, кој вели дека доколку хипотетички нашата држава се најде во ваква ситуација да одвојува четири отсто од буџетот за одбраната, износот на парите што годишно би се одвојувале со сигурност би ги надминал трошоците што, на пример, Македонија ги одвојуваше за одбрана за време на кризата во 2001 година. Аналитичарот додава дека овие промени во извојувањето за финансиите за НАТО, освен Македонија, со сигурност негативно би го погодиле и регионот, кој и онака економски е наразвиен и, наместо балканските земји што се дел од Алијансата да инвестираат пари во другите општествени сектори (образование, економија, здравство), тие ќе треба да трошат огромни финансии за одбрана, што реално можат да го поднесат само силните светски економии. Јовановски истакнува дека во светски рамки, освен САД, толку висок процент од БДП за одбрана одделуваат единствено Русија (4,3), Кина (5), Саудиска Арабија (10) и Оман (12).

Фото: Дарко Андоновски