МНР: Успешно спроведена евакуацијата на македонска државјанка од Вухан

349

Министерството за надворешни работи информира дека македонска државјанка, врз основа на доброволна согласност, а со посредство на амбасадите на Република Северна Македонија во Пекинг и Париз, успешно е евакуирана од кинескиот град Вухан. Нејзината здравствена состојба е добра, не постојат симптоми на коронавирусот.

Според МНР, постапката на евакуацијата била спроведена преку приклучување кон Програмата за евакуација на Франција, која за оваа намена организираше специјален лет кој што денеска слета во воена база на југот во Франција.

– Пред да го продолжат патот до своите матични држави, патниците ќе бидат евакуирани во помал град на југот на Франција, каде ќе подлежат на задолжителен карантин во траење од 14 дена, што е воспоставен протокол за евакуација на сите патници од Вухан. Министерството за надворешни работи е во постојана комуникација со евакуираната патничка преку надлежните амбасади во Пекинг и Париз, како и преку властите на соодветните држави – соопшти МНР.