МНР: Во експлозијата во Бејрут засега нема повредени македонски државјани

69

Во врска со вчерашната експлозија во Бејрут, која што однесе повеќе од 100 животи и разори делови од градот, Министерството за надворешни работи информира дека до овој момент не се пристигнати информации за евентуално засегнати граѓани на Македонија.

– МНР преку дипломатски канали ги презема сите неопходни мерки и активности за добивање на соодветни информации поврзани со нашите државјани кои би можеле да бидат засегнати од вчерашната несреќа во Либан – соопштија од МНР.

До моментов, ниту еден граѓанин на Македонија кој би можел да се наоѓа во Либан не се обратил до Министерството за надворешни работи за соодветна помош.

За оние кои се наоѓаат таму, а во случај на потреба од информација или помош, веднаш да се јават на дежурниот сервис во МНР: +389 75 273 732 или на останатите Глобал СОС телефони во следниве дипломатски претставништва на Македонија: Анкара +90 539 456 97 10, Истанбул +90 545 614 97 77, Доха +974 665 979 44, Каиро +201002898673, Абу Даби +971 564 417 552. Овие броеви се достапни и на „Вибер“ и „Вацап“ апликациите.


Министерство за одбрана: Македонските војници во Либан се безбедни

Министерството за одбрана информира дека припадниците на АРМ во мисијата на Обединетите нации во Либан, УНИФИЛ, се безбедни и сигурни.

– На мисија во Либан во моментов се ангажирани тројца припадници на Армијата, кои се распоредени и ги извршуваат своите задачи на безбедни локации надвор од Бејрут. По веста за повредени морнарички мировници во мисијата на Обединетите Нации во Либан, УНИФИЛ, чиј брод бил погоден во експлозијата на пристаништето во Бејрут, изразуваме надеж за побрзо закрепнување на мировниците и поддршка до земјите од каде тие потекнуваат – се вели во соопштението.

Од Министерство за одбрана изразуваат длабоко сочувство за жртвите во разорната експлозија во Бејрут, Либан.

Според последните информации загинати се најмалку 100 лица, а повредени околу 4.000. Разорната експлозија го уништи пристаништето и голем дел од централното градско подрачје на Бејрут.