Младите си одат зашто немаат работа и можности за напредување

887
Фото: Дарко Андоновски

Надвор од Македонија живеат и работат повеќе од 29 отсто високообразовани поединци, а вкупниот број на иселеници изнесува 21 отсто, покажуваат последните податоци од Светска банка. Истражувањата покажуваат дека фактори за одливот на мозоци се ниските плати, недостигот од можности за соодветна напредна обука и развој на кариерата, тешкотии да се стане целосно квалификувана академски и кредибилна личност, недостиг од слобода во истражувањата, изолација од меѓународни академски дебати и сл.

Ова на вчерашната конференција „Брејн Дрејн: перспективи на младите луѓе“ го соопшти министерката за образование и наука Рената Дескоска.
– Свесни сме дека во изминатиот период Република Македонија изгуби, се надеваме привремено, дел од младите луѓе што беа високообразовани и отидоа да работат во западноевропските земји или преку океанот. За да го спречиме тој одлив на мозоци, почнавме повеќе програми што треба да им овозможат останување на висококвалификуваните млади луѓе во Македонија – изјави Дескоска.

Веднаш по стапување на функцијата министер за образование и наука, како што рече, од МОН беа одобрени согласности за вработувања млади квалитетни луѓе на универзитетите во Македонија. Според неа, со тоа успеале да вратат дел од луѓето што работеле на европските универзитети, а дел спречиле да заминат.
– Минатата недела беше објавен Законот за високо образование така што оваа недела веќе се пуштени нови согласности во Министерството за финансии, кои ќе овозможат нови вработувања на универзитетите. Насочени сме кон млади луѓе што имаат висок просек и кои имаат истражувачки потенцијали да останат на универзитетите во Македонија – рече Дескоска.

Таа додаде дека младинската гаранција треба да овозможи вработливост на младите и нивно останување во Македонија.
– Од земја што беше политички нестабилна, со неизвесна иднина, сега сме земја пред која се отвораат евроатлантските перспективи и се стабилизираат демократските процеси и тоа секако треба да влијае на останувањето на младите во Македонија – смета Дескоска.

Конференцијата ја организира здружението „Лид“ во соработка со фондацијата „Конрад Аденауер“ и центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“.
Извршниот директор на здружението „Лид“ Иван Јованов изјави дека според некои процени во последните десет години од Македонија се отселил 25 отсто од високообразовниот кадар. Според него, за да останат младите во Македонија потребна е промена на целокупниот систем на функционирање на општеството.
Раководителот на фондацијата „Конрад Аденауер“ во Скопје Јоханес Д. Раи смета дека младите во Македонија ќе се задржат само со отворање можности за нивно работно ангажирање.