Младите математичари се наша гордост

55

Царовска на средба со освојувачите на медали на Балканската олимпијада по математика

Младите математичари се наша гордост. Медалите се заслужена награда за нивното посветено учење и желбата секој ден да откриваат се повеќе од чудесниот свет на математиката. Тоа ве вброи меѓу најдобрите на Балканот, сите се радуваме со вашиот успех, рече министерката за образование и наука Мила Царовска на средбата со учениците кои освоија златен, средбрен и два бронзени медали на Јуниорската балканска математичка олимпијада.

– Државите кои имаат вакви умови треба да се горди, но истовремено и да вложуваат во нивниот развој, затоа што младите научници се тие што државата ја движат напред. Ги охрабруваме сите ученици да вложуваат во себе и во своето знаење, затоа што времиња како ова сега, ја покажуваат важноста на науката. Како Министерство за образование и наука ќе направиме се да им помогнеме на младите во остварувањето на нивните цели“, им рече Царовска.

Младите натпреварувачи од нашата земја учествуваа на олимпијадата за ученици до 15 и пол години, каде виртуелен домаќин беше Грција, односно Грчкото математичко друштво.

Нашата екипа беше избрана преку систем на натпревари, кои секоја година ги реализира Сојузот на математичари на Македонија.

Во македонската екипа беа Дамјан Давков ученик од ВИИ одделение при ООУ „Ванчо Прке“-Штип, Никола Спировски ученик од ИX одделение при ОУ „Ј. Х. Песталоци“-Скопје, Марија Атанасова ученичка од ИX одделение при ООУ „11 Октомври“-Скопје, Матеј Гелев ученик од ИX одделение при ООУ „Блаже Конески“-Велес, Никола Цветаноски ученик од ИX одделение при ООУ „Ѓорѓија Пулевски“-Скопје и Емилија Николовска ученичка од ИX одделение при ООУ „Григор Прличев“-Охрид. Водач беше Делчо Лешковски, а заменик водач Борче Јошевски.

Освојувачи на медалите во конкуренција на ученици од 10 балкански држави и 8 други држави-гости, се: Никола Спировски-златен медал, Дамјан Давков-сребрен медал, Никола Цветаноски-бронзен медал и Марија Атанасова-бронзен медал.