Мицкоски: Груевски е жртва на политички прогон, но не го оправдувам бегството

395

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва во Гостивар, коментирајќи ги последните случувања во државата, оцени дека Владата не ја води државата во добра насока, а за бегството на поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски повтори дека тој е жртва на политички прогон и оти самиот потег на бегство не го оправдува.

Според Мицкоски, македонската јавност е сведок на театар кој кога не би бил трагичен, би бил смешен, а главната улога ја има претседателот на Владата.

– Сакам да апелирам до претседателот на Владата да се вразуми и сериозно да ја сфати состојбата бидејќи илјадници животи зависат од неговите потези и затоа што не само што не ја води државата во добра насока, туку таа е погрешна и ќе бидат потребни многу генерации за да ја исправат, изјави Мицкоски во изјавата дадена пред почетокот на трибината организирана од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на бегството на Груевски, Мицкоски посочи на својот последен фејсбук-статус во кој вели дека Груевски и други поранешни и сегашни функционери на ВМРО-ДПМНЕ се жртви на политички прогон, но оти не може да го оправда таквиот начин на бегство.

Мицкоски најави дека наскоро до Владата и парламентарното мнозинство ќе достават повеќе предлог решенија за подобрување на состојбите и за забрзување на реформските процеси.

– Покрај потпишаниот капитулантски договор пред нас се четири многу важни области од кои зависи успехот на земјата во приближувањето кон ЕУ. Периодот е многу важен бидејќи има избори во ЕУ така што времето е многу кратко за овие реформи, за Македонија да успее, изјави Мицкоски.