Мицковски: Се апсат луѓе врз изјави на сомнителни лица

178

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски вечерва на прес-конференција по повод приведувањата на тројцата нивни членови изјави дека се вршат апсења врз основа на изјави на сомнителни лица.

Мицковски рече дека Вељаноски, Ристовски и Јанакиески не се виновни и обвини дека СДСМ свесни дека народот не ги поддржува, сакаат да внесат страв и да ги деморализираат ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните.

– Овие луѓе не се виновни. Народот е веќе разбуден и не се плаши. Заев не ти се плашиме. ВМРО-ДПМНЕ и народот не ти се плаши. Ова што го правиш е лудило, ама ние сме спремни да понесеме жртва, затоа што знаеме дека сме на вистинската страна, на страната на Македонија – рече Мицковски.

Му порача на премиерот и лидер на СДСМ дека ќе го порази на претседателските избори и оти веднаш потоа ќе распише предвремени парламентарни избори.

– Нема бегање од поразот кој ти следи, ќе те победиме жестоко и со голема разлика – рече Мицковски.