Започна кампања против гласини што ги дискриминираат жените во општеството

36

Под слоганот #СекојаЕднаЕВредна, вчеравечер беше означен почетокот на националната кампања „Гласно против гласини“. Оваа кампања, поддржана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, има за цел да ја подигне свеста за штетното влијание од ширењето „гласини“ кои доведуваат до родови стереотипи и предрасуди за жените во нашето општество. Кампањата „Гласно против гласини“ е поттикната од потребата да се стави крај на стигматизацијата на жените во општеството врз основа на приказни и верувања полни со непроверени информации, сомнежи и невистини.

На синоќешниот настан присуствуваа гости од различни сфери, поддржувачи на кампањата, како и активните учесници односно жени и девојки чии инспиративни приказни се дел од серијата активности, а официјално обраќање имаше и Амбасадорот
Клеменс Која, Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

– Родовата еднаквост и борбата против гласините, стереотипите и предрасудите кои ги поттикнуваат и ги зајакнуваат родовите нееднаквости не се прашања кои ги засегаат само жените, туку се однесуваат на општеството како целина. Затоа ги повикувам сите мажи и момчиња целосно да се вклучат и да преземат заедничка одговорност за постигнување родова еднаквост – истакна амбасадорот Која.

На настанот беа промовирани инспиративните приказни на жените кои претставуваат позитивен пример за справување со оваа негативна општествена појава – Мартина Димоска, Гзиме Фејзи, Искра Донева и Фатма Бајрам Аземовска. Нивната
храброст и лични искуства беа прикажани преку четири кратки видеа во кои тие ги споделија своите соочувања со гласините, но и нивните успешни начини на справување со истите и одлучноста да го реализираат својот интелектуален потенцијал.

Кампањата, која ја спроведува маркетинг агенцијата Футура 2/2, продолжува со различни активности кои ќе бидат реализирани на национално ниво и ќе опфатат различни канали на комуникација: социјални и дигитални медиуми, настани и дебати од јавен карактер, сè со цел да се допре до засегнатите страни и едукативно да се влијае врз директните учесници во ваквата негативна општествена појава.