Милошоски: Предлагаме стандарден модел на ЈО, без хибридни решенија

1054

-Пред неколку дена примивме предлог од страна на владиниот тим по однос на Законот за јавното обвинителство и по којзнае кој пат забележавме дека СДСМ го менува претходниот предлог што го даде пред еден месец и по којзнае кој пат забележавме дека го менува и оној предлог што премиерот Заев го даде како мандатар кога предлагаше дека опозицијата ќе го номинира главниот државен обвинител. Како и да е, одговоривме по писмен пат на предлогот на владиниот тим за преговори и го доставивме денес. Очекуваме во следните еден-два дена владиниот тим да има можност да го разгледа, а до крајот на работната недела, можеби четврток или петок, да имаме и повторна средба доколку ѝ одговара на владината страна за преговори – изјави Антонио Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.

Тој објасни во што се состои предлогот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на предлог-законот за јавното обвинителство.

-Прво, сметаме дека е веќе доволно од изнаоѓање нови хибридни решенија, како што беше она што го предложи господинот Заев – да се подели Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција на два дела, со што едното обвинителство би било за висока корупција. Ние сметаме дека досегашниот стандарден модел треба да се задржи, да остане обвинителството за гонење криминал и висока корупција како единствено неподелено обвинителство, да нема нови хибридни решенија, а самото преземање од страна на ова обвинителство на надлежностите на досегашното специјално јавно обвинителство доколку се донесе закон, за него да вклучат и методологија за избор на новиот обвинител за организиран криминал, при што опозицијата, Собранието и Комисијата за избори и именување ќе имаат битна улога. Во однос на самиот избор, предлагаме Методологија што ќе даде сигурност дека власта нема да го има последниот збор и да избере владин подобен обвинител од типот на госпоѓата Русковска, туку опозицијата предлага една личност од оние што ќе конкурираат за тоа обвинителство, доколку тој предлог не помине, се повторува постапката уште еднаш, а доколку теоретски и тој предлог не помине, тогаш опозицијата и владејачкото мнозинство имаат можност заеднички да предложат личност до Советот на јавните обвинители, но доколку и тоа не се случи, тогаш опозицијата го задржува правото да предложи тројца кандидати до Советот за јавните обвинители, кој ќе одлучи во согласност со високите стандарди во законот кој од нив би бил избран за обвинител за организиран криминал и корупција. И следна разлика што ја имаме во однос на предлогот од страна на Владата е дека за оваа позиција сметаме дека, освен од обвинителската фела, би можеле да бидат номинирани компетенти лица и од академската сфера, кои имаат соодветно искуство во кривично-правната материја, пред сè, мислиме на професори. Генерално, тоа се оние клучни поенти од нашиот предлог што го доставуваме до владиниот тим и врз основа на кој очекуваме во следните денови, кога ќе го разгледаат, да имаме можност да размениме мислења и аргументи – рече тој.