Мигрантските кампови во Грција пред експлозија – Македонија прва на удар

157
Фото: Игор Бансколиев

Треба ли Македонија да стравува од нов наплив на бегалци и мигранти по одлуката на грчката влада да изгради десет нови објекти за сместување 15.000 бегалци и мигранти на северот од Грција непосредно до македонската граница? Размислува ли државниот врв како превентивно да постапи по овие најави од Грција е дилемата што се наметна деновиве по објавите во медиумите дека Грција веќе од идниот месец ќе почне со преместување на луѓето од пренаселените мигрантски кампови во новоизградените објекти во непосредна близина на границата со Македонија.

Поради тоа, побаравме мислење од државниот врв, надлежните институции, невладини организации што се занимаваат со оваа проблематика и од безбедносните експерти.

Од кабинетот на претседателот и врховниот командант Стево Пендаровски ни одговорија дека со внимание се следат сите информации што се дел од бегалската „балканска маршрута“, но и со случувањата околу нашата јужна граница.

– Сите понатамошни активности што се однесуваат на граничната безбедност за кои претседателот има надлежност како врховен командант ќе бидат одредени од Советот за безбедност, во координација со надлежните национални институции и партнерите од НАТО и ЕУ. Во тој контекст сакаме да потсетиме дека Собранието на Република Северна Македонија на 25.12.2019 ја донесе одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба поради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Северна Македонија – велат за „Нова Македонија“ од кабинетот на претседателот Пендаровски.

Оттаму одлуката на унгарската влада да испрати дополнителни сили во земјава за помош и чување на државната граница со Грција ја коментираат како пријателска и како дел од соработката што постои меѓу унгарските и македонските безбедносни структури.

– Како и досега, така и понатаму очекуваме дека припадниците на нашите безбедносни структури ќе продолжат да соработуваат со унгарските, како и со припадниците на безбедносните сили од другите земји-членки на ЕУ чија поддршка во одржувањето на стабилноста на јужната граница во случај на потенцијални кризи е значајна за нас – додаваат од кабинетот.

Другите повикани чинители до затворањето на денешниот број не одговорија на прашањата, а воено-политичкиот аналитичар Благоја Марковски вели дека иако не треба да се очекува број на бегалци како што беше оној во бранот на европската бегалска криза, сепак треба да се има на ум оти постои проблем што се создава од кризните жаришта на Блискиот Исток и во Северна Африка и кој може да го зголеми бројот на луѓе што ќе тргнат по балканската маршрута. Поради тоа, всушност, според Марковски, и се прават подготовки во соседната Грција.

– Проблемот е всушност во тоа што ниту една земја сама за себе не може да го реши. Затоа и во минатото, за време на бегалската криза, но и денес треба се бара единствено решение на ниво на Европската Унија. Тоа не може да се решава само на ниво на Грција, уште помалку на ниво на Македонија. Од тој аспект не би требало да стравуваме дека Грција наменски прави вакви кампови во северниот дел, од каде што подоцна бегалците би се префрлале во Македонија. ЕУ има цврст став, а тој е дека сите земји на транзитниот пат, вклучувајќи ја и Македонија, треба да бидат интегрирани во решението, кое, пак, треба да се бара во рамките на ЕУ, а не кај секоја земја посебно – истакна Марковски.

Доколку, сепак, се појави поголем број мигранти во периодот што следува, можно е, како што вели, тоа да предизвика безбедносни проблеми по должината на целата балканска маршрута, поради што Македонија треба да ги следи случувањата и постојано да биде во координација со Брисел за овој проблем.

Инаку, информацијата за новите објекти за сместување на мигрантите, вчера прв ја пренесе бриселскиот портал „Еу обсервер“. Како што наведува медиумот, првите 10.000 мигранти треба да бидат преместени во новите центри близу Македонија веќе од февруари. Во исто време, порталот „Балканска безбедносна мрежа“ објави информација дека унгарската влада одлучила да го дуплира бројот на граничните полицајци што во моментов се наоѓаат во Македонија и во Србија. Според „Балканска безбедносна мрежа“, во Македонија деновиве ќе пристигнат уште 30 унгарски погранични полицајци, кои ќе имаат за задача да им помогнат на македонските колеги за поефикасно патролирање на државната јужна граница.

Во меѓувреме илегалните премини на балканската мигрантска маршрута се двојно зголемени. Според МВР, само минатата недела биле откриени шеесет и двајца мигранти во два одвоени случаи во товарни возила што пристигнале од Грција. Сите мигранти, по интервенцијата на безбедносните служби, биле пренесени во транзитниот центар во Гевгелија.

[email protected]