Меѓународна поддршка и охрабрување за Договорот со Грција и членството во ЕУ и НАТО

111

Македонија во изминатите денови добива континуирана поддршка и охрабрување за референдумот за името закажан за 30 септември од нејзините стратешки партнери како САД и ЕУ, но и од соседството. Изјаснувањето на граѓаните е еден од чекорите за исполнување на Договорот со Грција, но и кон членство на земјата во НАТО и отпочнување на преговорите за влез во ЕУ. 

Во интервју за МИА од Вашингтон министерот за надворешни работи Никола Димитров пред неколку дена по средбата со државниот секретар Мајк Помпео изјави дека основната порака од средбата била едно големо охрабрување.  

– Тоа што оваа средба се одржа непосредно пред почетокот на кампањата за референдумот, закажан за 30 септември, е порака дека Америка стои зад евроатлантскиот пат што Македонија го избра, дека го поддржува затворањето на последното билатерално прашање на Македонија – Договорот со Грција, потпишан во Преспа. Дека ги подржува нашите стратешки заложби за влез во НАТО, и дека тоа е добро за регионот, за нас, за американските интереси, кои, пред се, се стабилност на Балканот. Едно големо охрабрување, тоа беше главната порака – истакна Димитров. 

Во средината на неделава порака стаса и од еврокомесарот за проширување Јоханес Хан кој изјави дека жали поради недостатокот на национално единство околу референдумот за Договорот со Грција и им порачува на граѓаните да го искористат своето право на глас за да ја обликуваат сопствената иднина и иднината на државата.

За Хан референдумот е избор меѓу иднина свртена кон ЕУ и изолација.

– Ова е избор меѓу пат свртен кон иднината на ЕУ интеграцијата со конкретни бенефити за граѓаните како владеењето на правото, атрактивност за странските инвеститори и повеќе и подобри работни места и пат свртен кон изолација, стагнација и пропуштање на единствена шанса за подобрување и напредок во клучни области – рече Хан. 

Овој избор исто така тој го спореди со избор меѓу националистички концепти и интеграција во ЕУ и НАТО.

Хан изрази надеж дека граѓаните кои се уште не одлучиле како ќе гласаат, ќе се информираат за последиците од нивниот глас.

Пред два дена, исто така, силна поддршка за референдумот во Македонија даде и германската канцеларка Ангела Меркел која својот став телефонски му го пренела на премиерот Зоран Заев.

Душан Јањиќ, оснoвач и претседател на Форумот за етнички односи во Белград, кој важи за еден од најпознатите српски аналитичари, во интервју за МИА неделава оцени дека влезот во НАТО е круна во зачувувањето и изградбата на сопствената државност и го забрзува патот на Македонија кон ЕУ. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, според него, може да го искористи референдумот за да ја избегне судбината на сличните партии кои го промашија историскиот момент.

– Треба да констатираме дека самиот факт што се оди на референдум со кој ќе се донесат низа одлуки со кои ќе се потврди или отфрли клучното решение околу името, ни говори дека Македонија е на патот на стабилизација. Сите оние очекувања, реалните закани дека Македонија ќе се заглави во некои 10 до 15 години на политички и социјални судири-не се остварија. И тоа е многу важно – смета Јањиќ.

Зборувајќи околу излезеноста на референдумот, Јањиќ вели дека тоа е работа на мотивација на самите партии и на граѓаните.

Во однос на членството во НАТО, српскиот аналитичар посочува дека Македонија веќе ја доби поканата за НАТО и затоа е важен резултатот од референдумот, за целата процедура да се приведе до крај.

– Влезот во НАТО значи влез во еден поширок систем на стабилност. Ако се земе примерот со приемот во НАТО на „една мала“ Црна Гора, која е прва држава која е формирана во 19 век на Балканот, уште пред Србија да стане држава, тогаш можете да видите што ова значи за Македонија која дури сега се бори да ја заврши својата државност. Влезот во НАТО е круна во зачувувањето и изградбата на сопствената државност.

Во пресрет на референдумот ситуацијата во земјата е стабилна, институциите функционираат, иако постојат сили кои гледаат шанса, преку нарушување на безбедноста, да остварат некакви свои цели, да се спротивстават на нашето членство во НАТО и во Европската унија, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Во интервјуто за МИА, Спасовски констатира дека, сепак, тоа се минорни сили кои не можат да придонесат за дестабилизација.

– Значи, граѓаните на Република Македонија имаат можност на 30 септември да донесат самостојно одлука за иднината на оваа држава – нагласува Спасовски. 

За тврдењата дека странски служби се обидуваат да „роварат“ пред референдумот и за руско мешање во „македонските работи“, Спасовски вели дека Македонија има јасен став, национален, витален интерес да стане членка на НАТО и на ЕУ, не сака да се меша во работите на други држави, ниту од регионот, ниту пошироко, но нема да дозволи некој да и наметнува свои интереси.

Референдумот и евроинтеграцискиот процес на земјата  ќе бидат главните теми и на серијата средби што во  понеделник стартуваат во Собранието на РМ, на која неколку американски сенатори ќе имаат серија средби со македонските пратеници.