Медикаментот доцни, преживејте до утре!?

264

Група пациенти вчера не ја примиле потребната терапија на Клиниката за онкологија, бидејќи, како што велат, им било кажано од клиниката дека ги нема потребните лекови. Пациентите се револтирани, особено оние од внатрешноста, бидејќи никој не ги информирал за проблемот со недостиг од терапија, со што непотребно биле изложени на трошоци за да стигнат на клиниката.

– Има пациенти од други градови што биле вратени назад, иако треба да примат цитостатик. А тоа е лек што се прима веднаш, не е тоа обична таблета. Цитостатикот се прима во секунда, тоа е лек што не може да чека. Клиниката не треба еден пациент да врати, бидејќи за вакви тешки болести не можете да ги враќате луѓето. Знаете ли која сиромаштија владее, а пациентот од друг град да го изложувате на трошок за превоз, кој не е мал. Зошто никој не ги информирал пациентите дека го нема лекот, за да не доаѓаат залудно? Каде е овде принципот на хуманост и човечки однос кон пациентите? – прашува нашиот извор.

Се обративме на Клиниката за онкологија, од каде што побаравме одговори за случајот. Директорот Нино Васев призна дека на клиниката има проблем со недостиг од терапија, но не и на цитостатици.

– Во текот на вчерашниот ден, тројца пациенти не го примија потребниот лек. Тој лек доцни, треба да пристигне во Македонија утре. Не е во нас проблемот како клиника, туку е до доставувачот. Не се работи за цитостатик, туку за таргет-терапија. Треба пациентите да знаат дека не е проблем ако таа таргет-терапија се одложи односно се задоцни со примање два-три дена. Тоа се скапи лекови што ние како клиника ги набавуваме. Инаку што се однесува до другите лекови, односно цитостатици, ги имаме сите. Баш вчера имавме повеќе од 200 пациенти што примија редовна хемотерапија – вели директорот.

Сепак, повеќе од тројца извори ни потврдија дека вчера не ја примиле потребната терапија, а во исто време тие потврдија дека не знаат да направат разлика што е тоа таргет-терапија, а што е тоа цитостатик, ниту пак дека некој од лекарите се обидел да им објасни дека постои одредена т.н. таргет-терапија со која нивното здравје нема да биде дополнително загрозено, ако со задоцнување од два-три дена сепак терапијата се прими.

Пациентите, сепак, ги интересира пред сѐ нивното здравје, а нивните семејства и граѓаните воопшто ги интересира функционирањето на нашето здравство, ефикасноста и организираноста на јавното здравство и односот на здравствените работници.

Овој пат алармот беше даден инстант, бидејќи станува збор за пациенти со галопирачки и животозагрозувачки болести, а на надлежните здравствени работници и институции останува на тој аларм да реагираат веднаш, во полза на пациентите и на граѓаните на ова општество. Во спротивно и на јавното здравство ќе му требаат т.н. таргет-терапии донесени од доставувачот, кој тогаш не би требало да задоцни.