МВР изгоре 590 парчиња неупотребливо и оштетено оружје

214

Во печката на „Фени” денеска беше изгорено неупотребливо и оштетено оружје од МВР.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека настанот е придонес кон светскиот ден за борбата против малото и лесно оружје – 9 Јули, и покажува грижа во однос со состојбите  со оружјето во Република Македонија. 

– Ние  ги спроведовме сите можни процедури кои значеа формирање на комисија, која ќе изврши целосна проценка за количините на оружје кои се неупотребливи или целосно оштетени. Станува збор за 590 парчиња оружје и тоа пиштоли, автоматски и полуавтоматски пушки, воздушни пушки, пушкомитралези кои биле користени во разни единици на МВР и сега се надвор од употреба- информира Спасовски.

Тој појасни дека постапката е согласно одлуката на Владата, одредбите од законот за користење и располагање со ствари во државна сопственост, односно со почитување на сите процедури и врз основа на извештајот на комисијата.

Изборот уништувањето на неупотребливото оружје да се изврши во „Фени индустри”, е бидејќи, како што рече, од само три фабрики каде може да се направи тоа, „Југохром”, „Макстил” и „Фени“,  другите два капацитета немаат функционални печки.

Тој се за заблагодари од име на МВР до раководството на „Фени индустри“ и сите кои учествуваат во оваа постапка, бидејќи излегоа во пресрет и целата оваа акција ја спроведоа бесплатно.