Маските и средствата за дезинфекција поскапеле зашто имале поголема увозна цена

103

По најавите дека ќе ги казнат аптеките и компаниите кои ќе ја зголемат цената на средствата за дезинфекција и на маските поради зголемената побарувачка по коронавирусот, министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека добиле известување оти цените се поголеми дома поради зголемените увозни цени. Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Филипче рече дека ќе истражуваат и дали се зголемиле увозните цени.

– Тоа е во рамките на активностите на Државниот пазарен инспекторат, од кој сè уште чекаме конечен извештај. Тоа за што нè известија од досегашниот увид е дека има зголемување на цените поради тоа што економските оператори, аптеките и компаниите имале и поголема увозна цена. Тоа е нешто што треба да се провери, така што го чекаме финалниот извештај – рече миниостерот Филипче.

Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, пред две дена рече дека ќе има казни за сите кај кои ќе биде утврдено дека профитот им е поважен од здравјето на граѓаните, па во услови на криза ги зголемиле цените на маските и на средствата за дезинфекција за кои има зголемена побарувачка.

– Ако некој мисли да профитира на сметка на граѓаните и на сметка на здравјето на граѓаните, се лаже – рече премиерот Спасовски.