Марихуана во Македонија – меѓу митот и реалноста

861

Одгледувањето медицински канабис во земјава полека зема замав, со подеми и падови, додека вистинските ефекти од оваа стопанска гранка веројатно ќе се почувствуваат за десетина години. И додека од една страна во јавноста постои силен отпор кон ова растение, кое содржи психотропни супстанции, во светот класифицирани како опасна дрога од прва категорија, од друга страна се наведуваат редица придобивки (економски, медицински или здравствени) од негово одгледување и користење

Бизнисите со одгледување канабис за медицинска употреба земаат сè поголем замав во светот, а иницијативите за легализација на канабисот и за рекреативна употреба се сè повеќебројни, така што веќе десетина држави започнаа со примена и на ваквата практика.
И Македонија не останува надвор од овие текови, за што говори и репортажата на агенцијата „Блумберг“, во која се зборува токму за перспективите на земјава за одгледувањето на марихуаната за медицинска употреба на овие простори.

Неодамна за перспективите на Македонија се осврна и Мајк Штрауметис, познат како Биг Мајк, кој е еден од најголемите производители на канабис во светот.
– Земјата има неверојатен капацитет за бизнис со канабис, и тоа како ниедна друга земја во Европа. Воодушевен сум и од луѓето што ги запознав. Тие се навистина работлив народ и овој бизнис за нив е голема шанса – вели Штрауметис, притоа додавајќи дека во овој бизнис во следните две-три години би можеле да се отворат 30-40 илјади работни места.

Ако им се верува на овие податоци, тогаш несомнено станува збор за добар бизнис во перспектива, но, од друга страна, остануваат отворени некои други прашања поврзани со производството или употребата на марихуаната.
Корисниците на ова масло се незадоволни од концентрацијата на ТХЦ, состојка што во најголема мера влијае врз подобрување на состојбата кај пациентите.

– Канабисот има околу 400 лековити состојки, околу 113 – 117 канабиноиди, а од нив само еден е психоактивен. Тоа е ТХЦ. Да, се работи за психоактивен канабиноид, но не значи дека треба да се плашиме. Во светот досега не е регистриран ниту еден смртен случај од канабис – појаснува Давор Ангеловски, кој работи на едукација на медицинските лица за употребата на канабисот.

Познавачите на овие состојби сметаат и дека Законот за употреба на канабис за медицински цели е доста лимитирачки и дека е потребна интервенција.
– Да не се плашиме, не само што ние не сме виделе сериозни компликации, туку и во светот смртен случај исклучиво од марихуана нема и не може да има – категоричен е Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија.

Според направените проучувања, пушењето марихуана може да предизвика привремен напад на беспричинска смеа, интензивно размислување за тривијални работи, амнезија на случки од пред неколку минути, како и силен глад. Иако никогаш не се забележани смртни случаи поради предозирање, марихуаната, особено некои денешни подвидови, може да биде силна и во некои околности штетна дрога. Но многу луѓе ја користат марихуаната за да ја намалат болката, полесно да заспијат, да го подобрат апетитот, но и полесно да ги пребродат животните удари и падови. Некои научници претпоставуваат дека состојките на ова растение помагаат во регулирањето на виталните телесни функции, како што е заштитата на мозокот од физички и ментални оштетувања, зајакнување на имунолошкиот систем и помош за „бришење на сеќавањата“ по трагични настани. Македонија во минатото беше позната како географско подрачје на кое расте исклучително квалитетен афион, од кој подоцна се добиваше опиум. Во периодот од 1963 до 1972 година во земјава биле засеани 1.693 хектари со афион. Во поново време, афион се одгледува во Македонија во согласност со закон и пријавени насади кај фармацевтските компании.

Експертите велат дека колку што македонската почва била погодна за одгледување на афионот, одгледувањето канабис нема директна врска со поднебјето.

– Кај нас речиси 90 отсто од медицинскиот канабис се одгледува во затворен простор и под строго контролирани услови. Дури и она што е малку на отворено, тоа е во саксии. Значи, не се користи нашата почва, туку се ставаат увезен тресет и соодветни ѓубрива и сето тоа се наводнува во строго контролирани услови – вели професорот Миле Маркоски од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Според него, почвата во Македонија е погодна за растење на конопот, што е различно растение од медицинскиот канабис.

– Конопот се користи исклучиво за производство на морфиум и кај нас неколку подрачја имаат одлична почва за развој на оваа култура. Тоа се областите во Светиниколско, Штипско, Велешко, каде што порано успешно вирееше и афионот – нагласува Маркоски.
Тој истакнува дека при одгледувањето на медицинскиот канабис контролата е многу важна.

– Потребно е во почвата да нема пестициди и тешки метали, бидејќи канабисот има голема апсорпциска моќ од почвата и би ги повлекол и овие работи, кои подоцна би се јавиле во маслото наменето за болните, што никако не смее да се случи – истакнува Маркоски, притоа додавајќи дека затоа медицинскиот канабис кај нас се одгледува во затворен простор со увезен тресет. Како и да е, одгледувањето медицински канабис во земјава полека зема замав, но вистинските ефекти би требало да се почувствуваат за десетина години. Дали ќе бидат позитивни или негативни, ќе покаже времето.


Човештвото отсекогаш знаело за канабисот

Употребата на канабис воопшто не е нова, туку човештвото за ова растение знае отсекогаш. Во Сибир се пронајдени фосилизирани семки во гробовите што потекнуваат во периодот од 3000 година пред новата ера. Кинезите го користеле канабисот во медицински цели пред повеќе илјади години. Марихуаната е втемелена и во Америка, каде што Џорџ Вашингтон, таткото на нацијата, и самиот ја одгледувал на својот имот. Во поголем дел на американската историја канабисот бил легален и вообичаен како состојка на разни тинктури и екстракти.
Сепак во 70-тите години на минатиот век американската влада го отежна проучувањето на марихуаната, сместувајќи ја во дрога од прва категорија – опасна супстанција без соодветна медицинска цел, со висок потенцијал на злоупотреба и во истата категорија како и хероинот. Во САД повеќето луѓе што се занимавале со проучување на канабисот автоматски биле сметани за криминалци. Во денешно време сè поголем број луѓе се враќаат на марихуаната заради лекување, а научното истражување на канабисот доживува преродба. Иако марихуаната и натаму е категоризирана во првата категорија на дроги, американското министерство за здравство покажа интерес за научните сознанија за марихуаната, притоа истакнувајќи дека прелиминарните податоци укажуваат на тоа дека „кај одредени медицински состојби и симптоми“ марихуаната би можела „да помогне“. Во 23 американски држави и во округот Колумбија канабисот е легален за користење во медицински цели, а повеќето Американци се залагаат и за легализирање на неговата рекреативна употреба.