Мал е бројот на жените што сакаат да бидат сурогат-мајки

252

Министерството за здравство води два регистра поврзани со сурогат-мајчинството, од кои едниот е за жените што се потенцијални гестациски носители, а другиот е за брачните двојки. Сè уште е мал бројот на жените што се пријавуваат да бидат гестациски носител или сурогат-мајки, досега се пријавени 21 брачна двојка и десет жени што сакаат да бидат гестациски носители, од нив две не ги исполнуваат предвидените услови.

Горливата тема на многу брачни двојки околу родителството и самото зачнување на децата сè уште во практика не се покажува како идејно решение, иако нашата држава пред речиси пет години го донесе указот каде што Собранието направи измени во Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО) или кај пошироката маса познато како сурогат-мајчинство.

За оние што решиле дека сакаат да имаат деца – генетски поврзани со нив, а се соочуваат со проблеми во остварувањето на таквата желба, добивањето дете преку гестациски носител може да е единственото решение за нив. Изразот што е прифатен кај нас – гестациски носител, е најсоодветен, поради постоењето психолошка димензија, дека таа жена е само носител, а ништо биолошки и генетски не ја врзува за детето.

Од една страна, македонскиот закон е либерален, а од друга страна, пак, е премногу рестриктивен, особено од самиот факт каде што исклучиво само на брачни двојки им е дозволено да започнат постапка за биомедицинско потпомогнато оплодување со гестациски носител, додека вонбрачните двојки и лицата што не се во брачна или вонбрачна заедница се исклучени од овој процес. Ова е особено чудно, затоа што со истиот закон во делот на инвитро-оплодувањето, ваквата постапка е дозволена и за вонбрачните двојки, како и сами жени (кои не се во брачна или вонбрачна заедница).
– Република Македонија во поглед на оваа тема се покажа како изненадувачки „напредна“, уште пред Судот од Стразбур, да го трасира патот за сурогатството во Европа, ние оваа постапка од казниво дело (до 2014 година – прекршок во согласност со Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување) ја претворивме во легална и регулирана репродуктивна процедура. Решенијата во законот се дури изненадувачки, односно иако во одредени сегменти рестриктивни, во други сфери се неоправдано, дури и „зачудувачки либерални“ – вели Александра Деановска, вонредна професорка по казнено право на правниот факултет „Јустинијан Први“ при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Министерството за здравство води два регистра поврзани со сурогат-мајчинството, од кои едниот е за жените што се потенцијални гестациски носители, а другиот е за брачните двојки. Пред спроведувањето на самата постапката за внесување на ембрионот во матката на жената, која во случајов е нарекувана гестациски носител, задолжително е претходно заедничко психолошко советување на брачната двојка што бара оплодување со внесување ембрион добиен со сопствени или донирани полови клетки во матката на жената – гестациски носител и на потенцијалниот гестациски носител, во времетраење од три месеци. Во рамките на тој период ќе се одржуваат најмалку две средби месечно.

– Законот предвидува брачната двојка и гестацискиот носител да поминат низ психолошко и правно советување, да потпишат меѓусебен договор, а гестациската носителка нема родителски права или обврски спрема детето што ќе го роди. Во законот се санкционираат низа дејства, на пример: да бидете гестациски носител за пари; да ги нудите или рекламирате таквите услуги за надомест; да посредувате меѓу двете страни за надомест итн. Неетички и недозволено е сурогат-мајката (односно гестациска носителка) да биде платена за таквата „услуга“, но нејзе ќе ѝ бидат надоместени сите трошоци што произлегуваат и се поврзани со бременоста и породувањето – објаснува професорката Деаноска.
Според неа, во суштина сурогат-мајчинството, доколку не се злоупотребува, е благородно нешто.

Околу забраните што се поврзани со постапката на БПО со гестацискиот носител и со купување, односно продавање инвитро-ембрион, законот во членот 27 предвидел дека е забрането преку јавен оглас, јавни медиуми или на кој било друг начин да се бара или нуди услуга за раѓање дете за друг.
– Забранети се купување, давање или примање понуда за купување или рекламирање на купувањето инвитро-ембрион. Забрането е продавање, давање или прифаќање понуда за продавање или рекламирање на продавањето инвитро-ембрион. Забрането е основање трговско друштво чија дејност е посредување во пронаоѓање жени што сакаат да бидат гестациски носители – предвидел членот 27 од Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО).

Во приватната клиника „Ре-медика“ пред две години се роди првото бебе од сурогат-мајка, кое ги носи гените на биолошките родители, а сурогат-мајката е само инкубатор. Во случајов, претходно оплодени ембриони со ин витро биле вметнати во матката на 44-годишната жена, која се нафатила да го износи бебето бидејќи биолошката мајка немала матка.
Во моментов во оваа приватна клиника има уште една пациентка што е гестациски носител или сурогат-мајка, која својата бременост ја води токму во оваа приватна клиника.


Колку брачни двојки аплицирале за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО)

Побаравме одговор од Министерството за здравство околу заинтересираноста на пријавените лица во двата регистра, кои ги води ова министерство, каде што се пријавуваат брачните двојки за сурогат-мајчинство и гестациските носители или жените што би родите дете за нив.
Оттаму велат дека во регистарот на брачни двојки што бараат биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО) има 21 брачна двојка, а, пак, за гестациски носител се пријавени 10 жени, од нив осум жени ги исполнуваат условите, додека, пак, две не ги исполнуваат.
Право на сурогат-мајчинство имаат брачните двојки што се државјани на Република Македонија, кои имаат проблем со женски или машки стерилитет, или, пак, доколку жената од брачната двојка нема матка и или има оштетена матка, нема јајници и или има оштетени јајници, или мажот од брачната двојка истовремено има стерилитет што не може да биде излекуван.
Исто така, еден од условите што треба да ги исполнува брачната двојка е дотогаш жената да имала три неуспешни бремености.
Услови, пак, што треба да ги исполнуваат хуманите жени, кои од алтруистички побуди би родиле дете за друг, се следниве: да се на возраст од најмалку 25 години, да се во добра психофизичка и општа здравствена состојба, која ѝ овозможува на жената здрава бременост и раѓање здраво дете. И истите тие треба да бидат мајки на најмалку едно дете и да бидат македонски државјани.
Прв чекор што треба да го направат заинтересираните брачни двојки е да се обратат во Министерството за здравство, со доставување соодветна документација како потврда дека ги исполнуваат горенаведените услови. Министерството потоа ги внесува податоците во своите два регистра, а откако ќе утврди дека се исполнети условите, брачната двојка доставува барање во Министерството за здравство за увид во соодветниот регистар, а потоа самите избираат гестациски носител.
Министерството за здравство, по добивање на писменото барање, ќе утврди дали се исполнети сите услови од овој закон за поведување постапка и писмено ќе ги извести брачната двојка и потенцијалниот гестациски носител. Доколку се исполнети условите за поведување постапка за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО) со гестациски носител, брачната двојка и потенцијалниот гестациски носител склучуваат договор за уредување на меѓусебните права и обврски, кои произлегуваат од таа постапка.
За брачните двојки што во целиот процес се изгубени во бирократските лавиринти на нашата државата, дополнително се тешки условите што треба да ги исполнат. Писмено барање за почнување на постапката за биомедицинско потпомогнато оплодување со гестациски носител, писмена изјава што треба да е заверена кај нотар и ред други услови и документација што треба да се пополни, можеби сè уште ги одбиваат од идејата да се одлучат за овој благороден чин.

[email protected]