Малите сипаници се вратија на голема врата

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Морбилите лани зеле 136 илјади животи низ светот, додека во Македонија од почетокот на епидемијата се регистрирани три смртни случаи кај невакцинирани деца на возраст од пет и пол до 13 месеци и секојдневно има по пет или шест новозаболени, од кои некои се на домашно лекување, а некои се задржуваат во Клиниката за инфективни болести

Според Светската здравствена организација, во 2018 година имало 229.068 случаи на заболени од мали сипаници и дури 136 илјади починати од нив, што претставува зголемување за 48 проценти во споредба со 2017 година. За да превенираат поголемо ширење на морбилите, СЗО им препорачува на државите да го задржат високиот степен на имунизација со две дози МРП-вакцини. Според министерот за здравство Венко Филипче, во Македонија, и покрај големиот пад на степенот на имунизација во изминатите години и прогласувањето епидемија во почетокот од годинава, период во кој беа регистрирани три смртни случаи кај деца на возраст од пет и пол до 13 месеци, а кои биле невакцинирани, во изминативе денови нема начелно зголемување на бројот на заболени од морбили.

Секојдневно има пет-шест новозаболени од морбили, некои од нив се пуштаат на домашно лекување, а некои се задржуваат на лекување во Клиниката за инфективни болести.

– Упативме апел и до другите инфективни одделенија каде што има места, да бидат подготвени и да ги хоспитализираат тие пациенти. Наедно за тоа разговаравме и со директорот на велешката општа болница. Нема начелно зголемување на бројот на случаи. Сѐ уште расте бројот на вакцинираните деца и возрасни што е за поздравување и искрено се надевам дека оваа тенденција и понатаму ќе продолжи за епидемијата да заврши во што е можно пократко време – истакна министерот Филипче.

По препорака од Комисијата за заразни болести, за да се заштитат децата бидејќи во главниот град веќе два месеца владее епидемија на морбили, надлежните започнаа и теренска вакцинација во училиштата.

Според податоците од Институтот за јавно здравје, од деветти до петнаесетти месецов, пријавени се вкупно 71 случај на заразени со морбили. Од нив 65 се во Скопје, шест во Струмица и во Тетово.

До петнаесетти, регистрирани се вкупно 259 случаи на мали сипаници. Возраста на заболените се движи од еден месец до 51 година. Од вкупниот број заболени, 148 се на возраст до четири години, а 66 лица на возраст над 30 години. Според вакциналниот статус, 193 од заболените лица се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Од невакцинираните, 50 се на возраст под 12 месеци и не подлежат на вакцинација во согласност со актуелниот календар за имунизација. Регистрирани се три смртни случаи кај деца од пет и пол до 13 месеци, кои биле невакцинирани. Сите три се починати од бронхопневмонија како компликација на заболувањето со мали сипаници.

Од почетокот на епидемијата, вкупниот број на вакцинирани лица во Македонија изнесува 9.779, од кои 6.740 се на територија на Скопје.

Инаку, недовербата во вакцините на глобалното ниво во изминатите години, доведе до тоа да опадне степенот на вакцинација на ниво на свет на 85 проценти. Луѓето не им веруваат на докторите ниту пак на науката, кога станува збор за вакцинацијата.
Тоа најдобро може да се види во САД, каде што и покрај тоа што биле евидентирани 17 илјади случаи на заразени од морбили граѓаните сѐ уште веруваат во изјавите на претседателот Доналд Трамп, кој јавно истакна дека МРП-вакцината предизвикува аутизам и покрај големите научни истражувања на оваа тема, кои покажаа дека ваквото тврдење е лажно.