Македонско илинденско воскресение

288
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Идејата за создавање своја држава уште од 1903 година, со Илинденското востание и Крушевската Република, во себе ја има и идејата за возобновување на својата Македонска црква наследничка на Охридската архиепископија. Црквите за време на Илинденското востание често биле место каде што востаниците добивале поддршка за својата идеја

Македонските мечти за слободна и независна држава се собрани во еден ден, Илинден, 2 Август. И 1903 и 1944 година се годините кога повикот за слободна македонска држава и чувството на асномскиот дух подготвен за борба во победа ги обележуваат и Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ.

Токму симболот на Илинден е историски датум на кој се поставени темелите на македонската државност.

Историчарите се согласни дека воскреснувањето на идејата за независна држава и своја самостојна православна црква е неразделен дел од опстојот на посебноста на македонскиот народ. Според нив, Илинден како национален празник наедно е и темел на македонскиот државно-црковен континуитет.

– Идејата за создавање своја држава уште од 1903 година, со Илинденското востание и Крушевската Република, во себе ја има и идејата за возобновување на својата Македонска црква, наследничка на Охридската архиепископија. Црквите за време на Илинденското востание често биле место каде што востаниците добивале поддршка за својата идеја.

АСНОМ, пак, во 1944 година е продолжение на оваа идеја и реализација на сонот за своја држава, тогаш во рамките на Југословенската Федерација, а наедно е и силен промотор и поддржувач на црковниот одбор за создавање православна црква на територијата на Македонија по Втората светска војна, што резултира со нејзино создавање во 1958 година и прогласување автокефалност во 1967 година. Со создавањето своја држава и црква, македонскиот народ го остварува сонот за зацврстување на својата самобитност и посебност на овие балкански простори – објаснуваат историчарите.

Затоа, постојано нагласуваат дека Македонија и МПЦ се заеднички столб на националниот идентитет на Македонците.

Манастир без АСНОМ

Како симболика на таа врска меѓу македонската држава и Македонската црква се толкува и местото каде што е одржано заседанието на АСНОМ, манастирот „Прохор Пчињски“.

Денес, 74 години подоцна, на местото каде што идејата се претвори во современа македонска држава, нема ниту плоча каде што Македонците можат да се поклонат и да го одбележат она за што се бореле нивните предци.

Во манастирот нема ништо што отсликува историја или, пак, нешто што означува дека на тоа место, таму, се одржало заседанието на АСНОМ.
Затегнатите односи меѓу МПЦ-ОА и Српската црква се причина што со години македонската делегација нема дозвола да го посети манастирот и да ги одбележи годишнините од заседанието. Неколкупати обележувањето се чествувало пред чешмата на манастирот, каде што било изградено импровизирано спомен-обележје.

Манастирот на реката Пчиња бил подигнат во 11 век. Тој бил зографски центар, а и препишувачка школа, односно ракописен центар. Живописот на црквата е од 1489 година.

Споменот живее во Пелинце

Во 2004 година, кога сѐ уште не беше познато дали Српската црква ќе дозволи достоинствено одбележување на 60-годишнината од АСНОМ во „Прохор Пчињски“, само за два месеца беше изграден објект во кој што е пресликана историјата, односно е направена поставка онака како што изгледала салата на Првото заседание. Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце е отворен на 2 август 2004 година, од тогашниот претседател на Македонија, Бранко Црвенковски.

Идејата да се изгради Меморијален центар на АСНОМ се родила откога почнале проблеми со одбележувањето на заседанието на АСНОМ во манастирот „Св. Прохор Пчињски“ на територијата во Србија. Тензиите се зголемиле откако биле извадени спомен-плочите од заседанието на АСНОМ во 1998 година, така што изминатите години македонските делегации на празникот положувале венец кај чешмата во близината на манастирот.

Собата каде што било одржано Првото заседание на АСНОМ е пресликана од собата во манастирот, но, според кустосите од меморијалниот центар, се разликува од вистинската соба по тоа што нема столбови, зашто автентичната соба била манастирска кујна. На собранието присуствувале 67 делегати, кои изгласале девет акти, на официјален јазик, со официјално писмо, знаме, грб и химна, со што формирале држава во која носители на државноста се Македонците.


Премиерот Заев во Пелинце, претседателот Иванов на Мечкин Камен

Трите главни чествувања на националниот празник Илинден, на 2 август, како и секоја година и оваа, ќе се одржат на Мечкин Камен, во Пелинце и во Скопје. Во Крушево годинава поздравниот говор ќе го одржи претседателот Ѓорге Иванов, во меморијалниот центар во Пелинце ќе оди делегација предводена од премиерот Зоран Заев, а чествувањето во Скопје ќе го предводи претседателот на Собранието, Талат Џафери.