Македонското мироносно цвеќе фати корен во Австралија

470

Иако замина од семејни причини, нашиот познат сликар и хуманист Живко Поповски-Цветин таму непрекинато творел, создавајќи нови слики, од кои повеќето веќе им ги подари на своите собеседници и новостекнати пријатели. Комуникативен, како што го познаваме, тој и во Австралија, како што вели, меѓу припадниците на најразлични вери и нации непрекинато ја ширел својата мисија на мирот

Деновиве од Австралија се врати нашиот познат сликар и хуманист Живко Поповски-Цветин, по неговиот двомесечен престој меѓу нашинците, но и меѓу преостанатите жители на петтиот континент. Иако замина од семејни причини, тој таму непрекинато творел, создавајќи нови слики, од кои повеќето веќе им ги подари на своите собеседници и новостекнати пријатели. Комуникативен, како што го познаваме, тој и во Австралија, како што вели, меѓу припадниците на најразлични вери и нации непрекинато ја ширел својата мисија на мирот. Сепак, она што му оставило најсилен впечаток била сликата на младите Македончиња, кои уште од најрана возраст го учат јазикот на своите предци во редовната настава и токму затоа и тој самиот се обидел да им пренесе дел од своето богато искуство и знаење, за и тој да вгради камче во богатиот македонски мозаик што им се презентира на овие деца.

– Заминав во Австралија „по повик“ од едно ангелче, шестмесечниот Џулиан, внук од брат ми Злате Поповски, кому му правеа крштевка токму во овој период. Патот ми го спонзорираше брат ми, а сѐ што направив беше во рамките на мојата мисија да ја ширам хуманоста низ светот. За време на тие 63 дена, колку што престојував во Австралија, имав можност на остварам голем број средби со припадници на разни националности, од бебиња до пензионери, при што направив околу 1.600 слики, од кои повеќето веднаш ги подарив на самото место, а другите му ги оставив на брат ми за тој да ја шири мојата мисија и во Австралија. Така, на пример, на крштевката насликав околу 100 цвеќиња и сите им ги подарив на гостите, за да се сеќаваат на овој убав настан. Присуствував на еден фудбалски натпревар на Македонија Престон, каде што имав можност да се сретнам и со нашата фудбалска легенда Андон Дончевски, што за мене беше голема чест и задоволство, а бев и на натпреварите и на уште две македонски фудбалски екипи, Лерин и Слога. На сите овие средби, се разбира, ги почестив моите нови пријатели со цвеќиња на мирот. Особено ми беше чест што бев на натпреварот на Слога, каде што по неговото завршување, во средба со нашинците ми се даде можност да им укажам дека симболиката на настанот и моето цвеќе е фактот дека токму во овие мигови нам Македонците слогата ни е најмногу потребна.
Вашите пораки за мир ги испративте на многу места, но и меѓу луѓе од други националности. Како минаа тие средби?

– Имав можност да се сретнам со навистина многу луѓе, како и да посетам голем број институции и насекаде да ги испратам пораките за мир. Но она што особено ме импресионира, тоа беа децата. Посетив неколку училишта во Мелбурн и во Сиднеј, каде што нашите најмлади учат на македонски јазик и таа слика трајно ми се врежа во сеќавањето, бидејќи да видиш илјадници и илјадници километри далеку од родната грутка некои дечиња на прагот на животот со каква преданост ги изучуваат јазикот и историјата на своите предци, тоа е нешто што заслужува секаква почит. Во таа чест, при посетата на училиштето во Мелбурн, каде што најмладите Македончиња учат на својот мајчин, македонски јазик, одржав еден час, работилница за сликање, а потоа заедно со нив и нивните наставници пуштивме во воздух пет балони, кои ги симболизираат петте континенти, за мир во светот. На разделба, на децата им оставив како подарок цветна кирилска азбука, за полесно изучување на македонскиот јазик.
На 63-от роденден на брат ми направив 63 цвета, кои им ги подарив на гостите, неговите соседи и пријатели. Со особено задоволство ќе ја спомнам средбата со двајца драги луѓе, психолози, д-р Снежана Џамбазова Попорданова и Емил Попорданов, семејство за пример. Бев гостин кај нив и бев сведок на една љубов што се огледуваше на сите страни. Како вистински македонски домаќини ми приредија една незаборавна вечера со прекрасни роднокрајски јадења и домаќински муабет, кој долго ќе го паметам. На разделба, јас им подарив слика, а Емил напиша песна специјално за мене.
Имавте интересна средба и со туристи од азискиот континент?

– Ми се исполни желбата да ја посетам операта во Сиднеј и во таа чест застанав пред ова архитектонско чудо и спонтано со помош на шпаклата почнав да цртам балерини. Мислам дека симболиката беше јасна, на моите балерини им е местото токму тука во оваа зграда, но и пред неа. Балерините како сами да излегуваа од моите раце, со невидена леснотија ги цртав, а сето тоа го привлече вниманието од една поголема група туристи од азиските земји, кои веднаш ме опкружија и со големо внимание следеа како работам. Кога малку застанав да се пододморам видов дека се во навистина голем број, но јас имав нацртано исто така многу балерини и со задоволство им ги подарив на туристите, а тие не го криеја своето воодушевување од подароците.
Луѓето насекаде со задоволство ги примаа моите слики како драг подарок. Од друга страна, другарите на брат ми пријатно ме изненадија, будејќи тие ми подарија часовник, сакајќи да ми се оддолжат за подарените слики.
Тамошните медиуми на македонски јазик со посебно внимание ја следеа вашата посета на Австралија.

– Посебно сум благодарен на вашите колеги, за кои може слободно да се каже дека во чекор ги покриваа моите активности во Австралија и за сето тоа ги известуваа нашинците што ги следат нивните медиуми. На државното радио Ес-би-ес, Маја Б. Талевска направи прилог од 30 минути, кој го подели во три емисии од по 10 минути, а потоа и нејзиниот колега Васил Коцев направи прилог од 15 минути за мојата изложба. Гостував кај Ицо Најдоски-Перин во неговата програма на радиото Трипл зед, каде што имавме пријатен разговор на многу теми. Паралелно со тоа, весниците на македонски јазик, „Тудеј“ и „Австралиско-македонскиот неделник“, објавија фоторепортажи за моите средби и активности меѓу нашинците. На сите нив сум им бескрајно благодарен, бидејќи на тој начин и оние Македонци што не ги сретнав лично, добија можност да се запознаат со мојата мировна мисија, да го почувствуваат мирисот на цвеќето на мирот што го распространувам низ целиот свет.


Една птица го покрива космосот

Сликарот и хуманист Живко Поповски-Цветин е родум од селото Брезово, по професија дипломиран агроном, но неговата најголема љубов е сликарството со кое стана познат на сите меридијани, особено поради цвеќињата на мирот што им ги има лично подарено или испратено на голем број политичари, дипломати, уметници и јавни личности. Многумина од нив му се имаат и лично обратено за да се заблагодарат за неговите слики подароци, а тој со особено задоволство се сеќава на песната што му ја подари Макото Оока, добитник на „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ во 1996 година. Јапонскиот поет, како благодарност за сликата од Цветин, му возврати со песната – стих „Една птица го покрива космосот“.


Слики за музејот во Крушево во чест на Илинден

Живко Поповски-Цветин уште 1990 година на манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ ѝ подари десет свои слики. Во 2017 година имаше ликовна изложба и неколку ликовни работилници во чест на илинденските чествувања и на Историскиот музеј му подари уште 23 свои дела. Сите 33 дела се ставени во рамки, систематизирани и подготвени за претставување пред јавноста во музејот, но и надвор од него.


Секогаш заедно со „Нова Македонија“

За време на неговиот престој во Австралија покрај стотиците тогаш изработени слики, на новостекнатите пријатели тој им подарил и од сликите што во чест на 8 Март ги изработи специјално за читателките на „Нова Македонија“. На тој начин Цветин само ја продолжува традицијата за соработка со нашиот весник.
– Од 1985 година сите овие активности ги правам заедно со „Нова Македонија“. Меѓу другото, на 8 август моите пријатели, семејството Попорданови во мое име во Австралија ќе ја пуштат пораката за мир што јас традиционално ја испраќам од Македонија. На тој начин и самиот чин на испраќањето на пораката ќе се интернационализира. Самиот чин се случува на 8 август, датум што се совпаѓа со празникот Света Петка кај нас, но и со денот пред фрлањето на атомската бомба во Нагасаки. Токму затоа на тој ден јас решив да испраќам порака за мир во светот и за нуклеарно разоружување. Како што е познато, јас мојата порака редовно на тој датум ја испраќам од реката Црна кај селото Жван.