Македонски ученици освоија пет медали на олимпијада за природни науки во Катар

5441

На прогласувањето на најдобрите олимпијци на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки, во арената во Доха, Катар, македонскиот тим се закити со пет медали – две сребра и три бронзи.

На Олимпијадата, на која учествуваа 409 ученици од цел свет, тие се натпреваруваа индивидуално на два теоретски тестови со содржина, односно прашања и задачи од предметите физика, биологија и хемија, и тимски со практична работа преку изведување по еден експеримент од секоја дисциплина.

Изборот на олимпијците беше детерминиран од претходните селекциони натпревари организирани од страна на Друштвото на физичари на РМ, Сојузот на хемичари и технолози на Македонија и Македонското биолошко друштво.

Олимпискиот тим е составен од шест ученици што ја преставуваа Македонија на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки, а како покровители беа ФИТР, Агенцијата за млади и спорт и градоначалниците од градовите од каде што се македонските репрезенти.

Олимпискиот тим го сочинуваат учениците Матеј Гелев, Емилија Николовска, Мајкл Георгиевски, Никола Спировски, Теона Кировска и Стефан Дрмач. Тие беа под менторство на професорите од ПМФ Боце Митревски, Марина Стојановска и Лозенка Иванова. Во подготовките на младите олимпијци учествуваше и претседателот на ДФРМ професорот Ламбе Барандовски.

Македонските ученици објавени во весник во Катар