Македонски крим-техничари ќе се вклучат во истрагата за несреќата во Бугарија во која рано утрово загинаа 46 лица, а седуммина се повредени. Тимот на Министерството за внатрешни работи, предводен од помошник директорот на униформирана полиција, а составен од претставници на Секторот за сообраќајната полиција и Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења веќе е на пат за Бугарија и стои на располагање за помош и поддршка на бугарските колеги.

-Очекувам брза и сеопфатна реакција на надлежните служби – информираше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Помошта ќе биде испратена по телефонскиот разговор со бугарскиот министер за внатрешни работи, Бојко Рашков.

Спасовски изрази најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на загинатите во трагичната сообраќајна несреќа која се случи во Бугарија, споделувајќи ја тежината на ненадоместливата загуба.

-Иако е тешко да се најдат зборови на утеха, во овие траорни мигови, сакам да порачам како пријател, како човек, дека не сте и никогаш нема да бидете сами, независно на ужаснатa тежина на моментот – вели Спасовски.
Tој им посака брзо закрепнување на повредените и што поскоро враќање во нивните домови.