Македонските мировници и под знамето на НАТО и под „Сините шлемови“

185

Иако генерално поентите на мисиите предводени од НАТО и од ООН се на иста линија, а тоа е воспоставување мир на одредени подрачја, тие во суштина се сосема различни

Се чини дека Македонија од ден на ден сѐ поактивно учествува во меѓународните мировни операции предводени и од НАТО и од Обединетите нации. Доказ за оваа констатација е неодамнешната седница на Собранието, на која беше усвоена oдлука за испраќање припадник на Армијата на Република Македонија како учесник во мировната операција на Обединетите нации УНИФИЛ во Либан.
Токму овој настан го актуализираше ставот на земјава, според кој, покрај НАТО, нашите војници можат да бидат „Сините шлемови“. Во меѓувреме, доказ што можеби може да се протолкува во правец на тоа дека Македонија паралелно и со ООН и со НАТО ја одржува идејата за учество во мировните мисии е неодамнешната посета на началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски на Националната гарда на сојузната држава на САД – Вермонт.
– За време на престојот во САД, НГШ на АРМ покрај средба со својот домаќин, командантот на Националната гарда (НГ) на Вермонт генерал-мајор Стивен Креј, ќе оствари посети на неколку команди на единици од составот на националната гарда со кои единиците на АРМ изведуваат заеднички активности. Притоа ќе бидат разгледувани облиците на понатамошното учество во заеднички вежбовни активности и меѓународни мировни мисии – информираат од ГШ на АРМ.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски ја поздравува секоја иницијатива на државниот врв за македонско учество во различни мировни операции, но додава дека сепак треба да се фокусираме кон НАТО бидејќи тоа ни е примарна и главна стратегиска определба.
Аналитичарот вели дека иако генерално поентите на мисиите предводени од НАТО и од ООН се на иста линија, а тоа е воспоставување мир на одредени подрачја, тие во суштина се сосема различни.
– Мисиите на НАТО се водени од директен интерес на Алијансата, без разлика дали станува збор за совладување на тероризмот или за воспоставување демократски вредности во одредена земја или регион. Од друга страна, за да бидеш мировник на „Сините шлемови“, реално не можеш да имаш никаков геостратегиски интерес во кое било завојувано подрачје или регион – вели Стефаноски.
Според него, Македонија е мал играч во геополитиката и таа не треба да се раштркува воено на сите страни, туку треба да биде активна во најголем дел во мисиите каде што имаме свој државен интерес особено во период како сега кога од меѓународната заедница се добиваат најголемите сигнали дека имаме напредок на нашиот пат кон НАТО.


Поканата за Македонија на дневен ред на самитот на НАТО

Северноатлантскиот совет вчера донел едногласна политичка одлука да ја стави точката за покана на Македонија во НАТО на дневен ред на самитот на Алијансата на 11 и на 12 јули во Брисел, објави од собраниската говорница премиерот Зоран Заев.
Претходно, и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, најави дека е можно да биде испратена покана за членство на Македонија во Алијансата на самитот што на 11 и на 12 јули ќе се одржи во Брисел, откако Скопје и Атина постигнаа договор за спорот за името.
– Се надевам дека ќе има напредок со Поранешната југословенска Република Македонија бидејќи тие постигнаа договор со Грција за проблемот за името. Ако тој договор биде финализиран и целосно применет новото име ќе биде Република Северна Македонија и тогаш можеме да тргнеме кон членство на Поранешната југословенска Република Македонија во НАТО. Искрено се надевам дека тоа ќе можеме да го направиме – изјави Столтенберг во интервју за француската телевизија Франс 24. П.Р.


Каква е разликата меѓу мисиите на НАТО и на ООН

Разликата меѓу мировните мисии на НАТО и оние на ОН е во тоа што вторите се економски поисплатливи од првите за земјата, но, за жал, тие не носат политички поени кај сојузниците во нашите обиди да станеме член на Алијансата како еден од начините за забрзување за постапката за зачленување во оваа меѓународна воена организација. Според познавачите на состојбите, трошоците и издатоците за учество во некоја од мисиите на ОН се покриваат со донации од светската организација. За споредба соседна Србија, на пример, на годишно ниво испраќа во просек по 500 мировници во неколку мировни операции, а најмногубројни им се војниците-мировници во операциите на Кипар и во Сомалија. Српски мировник-офицер што е дел од „Сините шлемови“ заработува 3.500 долари месечно, а војниците имаат за околу 1.500 долари помали примања. Натаму, меѓународната мировна организација, освен платите на персоналот, си зеде обврска на годишно ниво да ја покрива и амортизацијата на оружјето и на борбените возила на земјата што ги испратила во неколкуте мисии во кои учествуваат (Конго, Либерија, Тахити, Либан, Малави, Брегот на Слоновата Коска, Кипар и други).
Сепак, ставот на државниот и на воениот врв е познат и вели дека учеството во мировните мисии ќе продолжи и во иднина сѐ до моментот додека нашите сојузници од НАТО планираат да функционираат во одредени држави. Оваа политика е спроведувана од сите досегашни влади, што потврдува дека ова учество на државата во процесите за придонесување за глобалниот мир го проценува како свој витален интерес веќе со години и дека до таквата процена е дојдено преку консензусот на сите политички субјекти.