Александар Протогеров

Александар Протогеров бил велик мајстор на масонската ложа, а масони биле и Даме Груев, Павел Шатев, Тодор Александров и уште многу други македонски интелектуалци и револуционери од крајот на 19 и почетокот на 20 век, се тврди во историските документи. Оттука се поставува прашањето дали македонското револуционерно движење уште од почетокот целосно било поврзано со масоните и колку масоните имале влијание во македонската историја

Блаже Миневски

Во НУБ „Свети Климент Охридски“ во Скопје има збирка масонски документи од кои може да се утврди дека во македонското револуционерно движење, освен Даме Груев, масони биле и Павел Шатев, Тодор Александров, Панчо Михајлов, Наум Томалевски, Димитар Молеров, Тома Карајовов, Димитар Ризов и многу други, а Александар Протогеров бил велик мајстор на масонска ложа! Според масонските правила, секој масон од ложата на Протогеров, без разлика дали тој бил министер, генерал, владика или полицаец, морал сѐ што ќе види и слушне во Владата, Вишиот воен совет, Централната управа на резервните офицери, Светиот синод, Државната безбедност и слично, веднаш да му пренесе на великиот мајстор на Бугарската масонска ложа, значи на Протогеров, а тој, пак, преку човек за врски со Српската велика ложа, сето тоа итно да го достави до великиот мајстор на Балканот – српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ, кој му бил потчинет на великиот мајстор на Франција!
Македонскиот револуционер Даме Груев, основач на Македонската револуционерна организација, бил масон! Оваа сензационална информација, досега непозната за македонската јавност, всушност е документ од архивата на Бугарската масонска ложа. Според истиот извор, Александар Протогеров бил велик мајстор на масонската ложа, а масони биле и Павел Шатев, Тодор Александров, Наум Томалевски, Панчо Михајлов, Тома Карајовов, Љубомир Милетич, Кирил Прличев, Димитар Мирчев, Ефтим Спространов и уште многу други македонски интелектуалци и револуционери од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Оттука, со право се поставува прашањето дали македонското револуционерно движење уште од почетокот целосно било поврзано со масоните и колку масоните имале влијание во македонската историја.
Во секој случај, документите откриени во архивите на неколку масонски ложи во Бугарија, особено во архивата на софиската масонска ложа „Светлина“, потврдуваат дека десетици врвни македонски интелектуалци, револуционери и преродбеници од почетокот на минатиот век биле масони, а некои од нив дури и водечки личности во своите ложи. Освен Даме Груев и Александар Протогеров, кој бил велик мајстор на масонската ложа „Светлина“, а подоцна и на сите масонски ложи во Бугарија, силни позиции во масонските ложи „Зора“ и „Светлина“ имале и ресенците Андреј Љапчев и Симеон Радев, потоа Димитар Молеров, Јордан Бадев, Антон Кецкаров, д-р Димитар Точков, Георги Баждаров, Јордан Чкатров, Иван Ѓурков, проф. Никола Милев, д-р Руменов, Георги Кулишев, Димитар Ризов, новинар и дипломат, автор на првата етнографија на Македонија напишана на француски јазик, Наум Тефикчиев, снабдувач со оружје на четите на ВМРО и близок пријател на Гоце Делчев, и други.

Георги Димитров имал документи за околу 400 масони од Македонија!

Македонската официјална историографија досега нема пишувано за тоа дека Даме Груев, најголемиот авторитет во формирањето на Македонската револуционерна организација, бил масон. Засега нема никакво релевантно истражување ниту за тоа дали и колку масоните имале удел во формирањето и профилирањето на ВМРО, иако добро се знае каква улога имал Даме Груев во целиот тој процес, почнувајќи од идејата за формирање, па до практичното воспоставување на организациската мрежа низ Македонија.
Според бугарскиот историчар, проф. д-р Митко Иванов, кој имал ексклузивна можност да дојде до архивата на масонските ложи во Софија од првите неколку децении на минатиот век, но и до папка од архивата на Георги Димитров, со документи за околу 400 македонски масони и до оригиналното писмо со вакви податоци испратено до прилепчанецот Данаил Крапчев, македонското револуционерно движење се вклучило во масонската организација, сметајќи на поширока меѓународна помош во борбата за македонската кауза. Од документите може да се види дека Даме Груев влегува во масонското движење две години пред формирањето на Македонскиот револуционерен комитет во Солун, а подоцна во масонската ложа влегуваат и Павел Шатев и Александар Протогеров. Притоа, како што вели проф. д-р Иванов, факт е дека поголемиот дел Македонци масони, особено оние од ВМРО, отсекогаш биле „непријателски настроени кон бугарскиот двор, односно кон царството“. По Првата светска војна масонството во Бугарија многу брзо се проширува, зафаќајќи поголем број лица, а во масонските ложи влегуваат и новите раководители на Македонското револуционерно движење, меѓу кои и Тодор Александров.

Во меѓувреме, Александар Протогеров стигнува до позицијата прв човек на сите масонски ложи во државата. Масонската мрежа со која раководел Протогеров, а негов прв помошник бил Тома Карајовов, имала одлични врски со масонските ложи на Франција, Швајцарија, Германија и Австро-Унгарија. Интересно е тоа дека според строгите масонски правила, секој масон од ложата со која раководел Протогеров, без разлика дали тој бил министер, генерал, владика или полицаец, морал сѐ што ќе види и слушне во Владата, Вишиот воен совет, Централната управа на резервните офицери, Светиот синод, Државната безбедност и слично, веднаш да му го соопшти на великиот мајстор Протогеров, а тој, пак, преку човек за врски со Српската велика ложа, сето тоа итно да го пренесе до великиот мајстор на Балканот – кралот Александар, кој му бил потчинет на великиот мајстор на Франција. Потоа од Франција, по обратен пат, истиот човек за врска ги пренесувал до Протогеров соодветните наредби што требало да се исполнат од страна на масоните во Бугарија и во Македонија.
Масонските документи од оваа чудна масонска врска меѓу Бугарија и Србија, со посредство на Франција, сигурно би можеле да фрлат ново светло на некои настани од балканската историја поврзани со Македонија, а во тој контекст и на бугарската и српската позиција во однос на македонското прашање. Се разбира дека низ ваквите масонските врски се обезбедувале и финансиски средства за функционирањето на ВМРО, па во неколку наврати одредена сума била доставена од страна на унгарскиот амбасадор во Софија. Инаку, буџетот на бугарската ложа во 1912 година бил околу 75.500 лева, а бројот на масони со книшки бил околу 300 лица. Според документите, половина од нив биле Македонци, а прв меѓу нив бил Даме Груев, лидерот на Македонскиот револуционерен комитет, односно организација основана во 1893 година во Солун. Пред тоа, Груев веќе две години е член на Софиската масонска ложа, а тоа се поклопува со настаните поврзани со Берлинскиот конгрес, кога со група свои истомисленици од кругот на „Лоза“ ја создаваат организацијата „Дружба“, за да бараат итна реализација на членот 23 од Берлинскиот договор, кој предвидувал автономија на Македонија, односно конституирање своевидна нова македонска држава на Балканот.

Освен Даме Груев, во масонската ложа во тоа време бил примен и Андреј Љапчев, премиер на Бугарија во третата деценија на минатиот век, школуван во Цирих, Берлин и во Париз. Во време кога редица други македонски интелектуалци се вклучувале во ВМРО, или во други македонски организации, тој се ангажирал во Демократската партија на Бугарија, а од 1926 до 1931 година бил премиер на Бугарија. За разлика од него, професорот Кирил Прличев, син на големиот македонски поет Григор Прличев, уште од гимназиски денови бил вклучен во македонското револуционерно движење, а во 1902 година веќе бил секретар на Задграничното претставништво на ВМРО. За време на Илинденското востание бил борец во четата на Христо Чернопеев, а од 1909 до 1913 година учител во Солун. По завршувањето на балканските и Првата светска војна повторно се активирал во ВМРО, па на шестиот конгрес во 1925 година бил избран за член на Задграничното претставништво на организацијата. По расцепот на ВМРО, влегол во новоформираната Протогеровистичка фракција на ВМРО, но во 1931 година се повлекол од секакво учество во македонското револуционерно движење. Автор е на повеќе книги од македонската историја, а во 1943 година, како директор на Музејот во Охрид, го открил гробот на свети Климент Охридски.
Според неговото сведоштво, зачувано во семејната архива на син му Григор Прличев, тој, освен што е македонски револуционер со најдолг стаж во организацијата, бил и еден од најстарите членови на масонската ложа „Светлина“. Починал во Охрид во 1944 година. Меѓу видните дејци од македонското движење, кои истовремено биле и масони, е и штипјанецот Љубомир Милетич, филолог со знаење стекнато во Загреб и во Прага. Умрел во 1937 година, на 74-годишна возраст во Софија. Во документите на масонската ложа „Светлина“ стои дека Милетич бил масон полни две децении. Благодарение на неговата упорност и посветеност, биле запишани и зачувани автентичните сведоштва на редица македонски револуционери, како Даме Груев, Јане Сандански, Ѓорче Петров, Христо Татарчев и други. Како масон бил професор на Софискиот универзитет, член на БАН и нејзин долгогодишен претседател, а го формирал и раководел и со Македонскиот научен институт, кој го издавал списанието „Македонски преглед“. Виден член на истата т.н. македонска масонска ложа во Софија бил и битолчанецот Јордан Бадев, кој до 1913 година бил учител во својот роден град, а потоа емигрирал во Бугарија. Бил активен учесник во македонското ослободително движење, автор на прилози за учесници во македонското движење, а ја напишал и книгата „Заговорот против Тодор Александров“.

Франција била непријателски настроена кон ВМРО!

Во документите што ги имавме на располагање постои доказ дека од лидерите на ВМРО, само Александар Протогеров бил велик мајстор на софиската масонска ложа „Светлина“. Тој е роден во Охрид, во февруари 1867 година, а бил член на ЦК на ВМРО, заедно со Тодор Александров и Петар Чаулев. По убиството на Александров, се спротивставува на терористичките методи на ВМРО, но, за жал, тоа ќе го чини живот, односно ќе биде ликвидиран од луѓето на Ванчо Михајлов. Благодарение на масонските пријателства и контакти на Протогеров, македонската револуционерна организација имала одлични врски со значајни европски центри на моќ. Така, уште на почетокот на минатиот век, со масонска финансиска поддршка излегувале многу македонски весници во Европа, кои пишувале за страдањата и голготата на македонскиот народ. Еден од тие весници е и весникот „Македонско движење“, кој излегувал од 1902 до 1903 година. Главен уредник на весникот бил ресенчанецот Симеон Радев, кој, исто така, бил масон. По завршувањето на францускиот лицеј во „Галата Сарај“, во Цариград, Радев активно се вклучил во македонското ослободително дело. Одржувал чести контакти со Гоце Делчев, Пере Тошев, Христо Матов и Борис Сарафов, за кои пишува дека се „големи борци за слободата на Македонија“. Во едно негово шифрирано писмо, цитирано во спомените на Кирил Прличев, соопштува дека биле обезбедени средства за печатење македонски весник во Париз.
Според сведоштвото на самиот Борис Сарафов, пак, токму Симеон Радев го запознал со француските интелектуалци Пресансе, Клемансо, Виктор Берар и други, кои ја поддржувале македонската ослободителна организација. Задграничните претставници и раководители на Револуционерната организацијата, како Протоѓеров, Баждаров, Прличев, Спространов и Томалевски, благодарение на масонски канали, успеале да воспостават значајни и многубројни контакти во Европа. По тие канали се одржувале врски со Австрија, Унгарија, Италија, Германија, па дури и со Франција, која, како што вели Кирил Прличев, во тоа време била мошне „непријателски настроена кон ВМРО“.
Во тој период Македонската револуционерна организација има најдобри врски и пристап до највлијателните центри на моќ во Европа, па дури и со британскиот двор, односно со кралот Едвар Седми, кој, исто така, бил масон. Значи, она што го почнал Даме Груев, како лидер на ВМРО, подоцна го продолжиле редица негови браќа-масони вклучени во револуционерното движење.

Михајлов ги прекинува масонските врски на ВМРО со помош на фашистите!

По ликвидацијата на Протогеров, велик мајстор на масонската ложа во Софија, вртоглаво паѓа авторитетот на Македонците во ложата, односно ложата ги губи своето влијание и значење за ВМРО, па новиот велик мајстор на масоните, Петар Мидилев, ги известува членовите да се воздржуваат во своите реакции кон убијците на Протогеров, најверојатно затоа што во заговорот директно е вмешан и генерал В’лков, односно бугарската држава.
Против воздржаноста на масоните на Мидилев кон егзекуцијата на Протогеров реагирале Македонците масони Спространов, Баждарев, Прличев, Томалевски, Бадев, но попусто. Кризата во ВМРО по убиството на Протогеров станува криза и во масонската ложа во Бугарија, па великиот мајстор прави два обида да ја реши таквата состојба. Првиот кон крајот на 1929 година, а вториот во март 1930 година. И при двата обида, Мидилев се судира со огромната омраза на Ванчо Михајлов кон луѓето блиски на генерал Протогеров, односно кон масоните во ВМРО. Не знаејќи го поширокиот контекст на дејствувањето на масоните во полза на македонското ослободително дело, Михајлов всушност ги прекинува сите битни врски што ВМРО ги имала воспоставено преку масоните во Европа и во светот. Затоа ВМРО на Михајлов мошне брзо се маргинализира и се претвора во обична терористичка организација, која на крајот ќе мора да бара сојузници само меѓу фашистите.
Познатиот публицист и, најверојатно, влијателен масон во тоа време, Русинот Лев Неманов, на 14 јули 1928 година, по повод убиството на Протогеров, пишува писмо до Ванчо Михајлов: „Верувајте и разберете дека додека вие стоите на чело на организацијата, никој во Европа нема да се осмели да каже ниту еден збор во нејзина заштита и оправдание. Излезете од ЦК, тргнете се од раководството, зашто мојата совест и совеста на целото европско општествено мислење не ќе може да се помират со мислата дека на чело на така големо дело може да остане човек со крвави раце…“
Оваа реакција на Неманов, колку што е реакција за убиството на Протогеров, како член на ЦК ВМРО, исто толку е и реакција на еден масон за убиството на својот масонски пријател. Следните две-три години Ванчо Михајлов и неговите терористи, каков што е Кирил Дрангов, ќе ги ликвидираат и другите масони во револуционерната организација, како што се задграничните претставници Баждарев и Томалевски, а неколкупати ќе се обидат да го ликвидираат и Кирил Прличев, син на Григор Прличев, човек со триесет и шестгодишен стаж во ВМРО, еден од најобразованите луѓе во ВМРО, кој зборувал француски, германски, грчки и латински јазик, а кога не бил со чета во Македонија, уредувал весници, пишувал историски студии и ги преведувал Маркс, Волтер, Кауцки и други. Според неговите запишани сведоштва, Протогеров воспоставил врски низ Европа, како ниту еден друг деец на ВМРО дотогаш. Во тоа време, значи на почетокот на третата деценија на минатиот век, речиси четириесет години по Даме Груев, македонската револуционерна организација била во тешка финансиска криза, и тогаш од Будимпешта, тајно, неколкупати добива голема финансиска помош. Преку Протогеров, како велик мајстор на масоните во Бугарија, била воспоставена врска со унгарскиот амбасадор Шандор де Киш, кој од касата на мисијата вадел поголеми суми пари како дар за ВМРО. Благодарение на масонските врски, се разбира, значајни текстови во влијателни весници за активностите на ВМРО во тоа време напишал Лев Неманов, Евреин од Русија, познат новинар во Франција. Реализирани се и контакти со италијанскиот амбасадор Пјанчетини, со Филип Грејвс, главниот уредник на „Тајмс“, со влијателните политичари и угледни личности како што се Калефи, Де Лука, Јашар беј Еребара, Авни бег, Хусеин беј Старова, Мустафа Кемал-паша и многу други. Сите контакти со реализирани со помош на силните масонски врски на ВМРО.
Но останува отворено прашањето, а тоа е прашање за историчарите, колку длабоко масонството било инволвирано во македонското револуционерно движење и дали во клучните мигови, кога се одлучувало за кревање на востанието во 1903 година, масоните извршиле некакво влијание врз првите луѓе на организацијата, ако се знае дека клучна улога во донесувањето на таа одлука имал токму Даме Груев, првиот масон, основач и угледен деец на ВМРО? Останува отворено и прашањето дали Даме Груев, како масон, кој имал контакти со масонската мрежа на Европа, успеал да го убеди Гоце Делчев дека востание мора да има, сметајќи на поддршка за која мислел дека веќе е обезбедена. Ако е така, тогаш се поставува прашањето дали потоа има некаква конспирација во однос на ликвидацијата на Делчев неколку месеци пред Илинденското востание, затоа што, и покрај убедувањето, останал на ставот дека Македонија не е подготвена за големо општонародно востание. Во секој случај, ваквите претпоставки допрва треба да се истражат, а некои од документите треба да се бараат и во масонските архиви на Балканот и во Европа.