Делегациите разменија мислења на првиот состанок на меѓународната експертска група

344

Македонската и грчката делегација денеска разменија мислења и разговараа за Деловникот за работа, имајќи ги предвид заклучоците од претходните состаноци што се одржаа во Солун, на првот пленарен состанок на Меѓународната група на експерти одржан во Скопје, соопшти Министерството за надворешни работи.

Првот пленарен состанок на Меѓународната група на експерти се одржа под раководство на шефот на македонската делегација, проф. Ѓорѓи Филипов и на шефот на делегацијата на Хеленската Република, проф. Фотини Папартис.

Копретседавачите на двете земји се согласија следната средба да се одржи во Атина, на датум кој претходно ќе биде усогласен, а по можност да се одржи во првата недела од ноември 2019 година.

Меѓународната експертска група ги охрабрува бизнис-заедниците на двете земји да го започнат својот дијалог во духот на Преспанскиот договор.

Меѓународната експертска група е основана согласно член 1, став 3ж, од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената Спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните, направена во Преспа на 17 јуни 2018 година.