Македонија ќе гради безбеден сајбер простор

49

Синхронизираност на институциите, холистички пристап во насока да се обезбеди сајбер простор, кој ќе им овозможи на граѓаните на Македонија да уживаат во бенефитите на дигиталната технологија, но и да се заштитат од опасностите, кои со себе ги носи секоја технологија во историјата на човештвото е императивот на Националната стратегија за сајбер безбедност, чија работа верзија денеска беше презентирана на јавна расправа со учество на претставници на институциите, невладиниот сектор и академската заедница.

– Кога зборуваме за сајбер безбедноста, обично го претставуваме Интернетот како страшно и мрачно место, полно со ризици, закани, стапици и длабоки дупки во кои што можеме да пропаднеме и при најмало невнимание, порача министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Сепак додаде тој денес не можеме да си го замислиме животот без Интернет, но во пакетот убавини кои што неизбежно доаѓаат и ризиците.

– Одговорноста за да го направиме интернетот безбедно место е заедничка. Кога државата, бизнисите, семејствата и индивидуалците преземаат чекори за да се заштитат, нашата колективна сајбер отпорност се подобрува, додаде тој.

Нагласи дека сајбер безбедноста е патување, а не дестинација, поради што е потребно постојано учење во оваа област.

Глобалниот пазар за сајбер безбедност расте, додава Манчевски и напомена дека тоа се индустриите на иднината, кои на Македонија ќе и помогнат да држи чекор со глобалните трендови и да постигне стабилен пораст на економијата. 

Додаде и дека подобрената сајбер безбедност е неопходна за функционирањето на дигиталната средина за користење на е-услуги кои масовно ќе почнат да се користиме од следната година.

– Како што потрошувачите очекуваат нивните средства да се безбедни кога купуваат он-лајн, граѓаните очекуваат нивните податоци да се заштитени кога аплицираат за извод од матична книга на родени или кога отвораат фирма преку интернет. Во таа насока, МИОА изготви нов Закон за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, со кој се транспонира еИДАС Регулативата на Европската Унија. Новиот закон ќе им овозможи на граѓаните нови начини за електронска идентификација при користење на електронските сервиси, вели тој.

До крајот на летото треба да почне да функционира и Електронскиот регистар на население како основата за нудење на електронски услуги на граѓаните.

Веќе е формиран националниот тим за справување со компјутерски инциденти, МКД-ЦИРТ и тој треба да управува со инциденти на национално ниво. 

Во целиот овој процес од големо значење е образовниот систем, кој треба да се надградува и прилагодува на новите предизвици и да подготвува обучени кадри, кои ќе го пополнат огромниот број работни места во областа на сајбер безбедноста, заклучија учесниците во дебатата.

Во таа насока се разгледуваат можмностите за глобална соработка во образованието во полето на сајбер-безбедноста, преку која академска заедница во земјава би соработувала со интернационални партнери. Македонија ќе аплицира да биде центар на една нова регионална академија за сајбер безбедност.

Пред присутните се обрати и министерката за одрана Радмила Шекеринска, која го појасни значењето на сајбер безбедноста од апскет на одбраната. 

– Република Македонија е решена да стане членка на НАТО и уверени сме дека на Самитот во јули ќе ја добие долгоочекувана и заслужената покана, но тоа значи дека и нашите обрски ќе станат поголеми и навистина обврзувачки. Токму тој период од покана до членство е можеби најризичниот во однос на сајбер безбедноста и во овој период Македонија ќе треба да рамките на стратегијата да се зајакне на ова поле- рече таа.

Согласно стратегијата предвидено е да се обезбеди развој на сајбер одбрана како неделив дел од сајбер безбедноста, предвидени се единици со сајбер капацитети во различни делови на владата и армијата, основна рамка за комуникација и координација при одговор на сабјер напад на воените системи и на критичната инфрастуктура.

Шекеринска истакна дека оваа стратегија како основа цел има да ги адресира клучните предизвици во сајбер безбедноста, но напомена дека таа нема да функционира како изолирана, туку паралелно со неанеа во АРМ се развива и Стратешкиот одбранбен преглед. 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски истакна дека МВР во рамките на своите надлежности активно превзема мерки за превенција, заштита и сузбивање на компјутерскиот криминал и злоупотребите во информатичката сферата, иако не секогаш и доволно, бидејќи за ефикасна првенција и заштита во сајбер просторот е потребен холистичен и мултидисциплинарен пристап.

– Со самиот факт дека при подготовка на предлог работна верзија на Стратегијата за сајбер безбедност партиципираа три министерства (за информатичко општество, за одбрана и за внатрешни работи) дополнително говори во прилог на неопходниот мултидисциплинарниот пристап не само во подготовката на еден ваков документ туку и во неговата реализација и практична операционализација- рече тој. 

Визијата содржана во документот, посочи Спасовски, е Република Македонија да има сигурно, безбедно, доверливо и отпорно дигитално опкружување, поддржано од квалитетно изградени капацитети, високо квалификувани експерти, изградено ниво на доверба и интензивна национална и меѓународна соработка во областа на сајбер безбедноста.

Во стратегијата на предлог на НВО секторот е предвидено да се вклучат и одредби за заштита на децата во рамки на активностите на Глобалната алијанса против онлајн сексуална злоупотреба на деца.