Македонија ќе го потпише пристапниот протокол за НАТО на 6-ти февруари

240

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг соопшти дека на 6-ти февруари ќе се одржи церемонијата на потпишување на пристапниот документ за членство на Македонија во Алијансата.

-На 6 февруари ќе испишеме историја: Сојузниците на НАТО ќе го потпишат пристапниот протокол со идната Северна Македонија заедно со МНР Димитров – напиша Столтенберг на Твитер.

По ратификацијата на Преспанскиот Договор во Македонија, и потоа во Грција, е отстранета последната пречка за зачленувањето на земјава во Северноатлантската Алијанса, речиси единаесет години по грчката блокада на Самитот во Букурешт, во април 2008.

Церемонијата на потпишувањето ќе се одржи во седиштето на НАТО во Брисел, во присуство на министерот за надворешни работи, Никола Димитров. Дваесет и деветте амбасадори на земјите- членки ќе го потпишат протоколот, по што Македонија ќе може да учествува во сите „клучни формати“ на северноатлантскиот совет.

Како што објасни словенечкиот амбасадор при НАТО, Јелко Кацин, во интервју за МИА, Македонија нема да може да учествува на состаноците каде се разменуваат најчувствителни информации, сѐ додека не стане полноправна членка и со тоа го стекне потребно знаење за управување со тој вид чувствителни информации.

По потпишувањето на пристапниот протокол, секоја земја членка на НАТО ќе треба да го ратификува членството на Македонија, процедура која може вкупно да трае максимум две години, иако очекувањата се дека би требало да биде заклучена кон почетокот на 2020 година, можеби и веќе кон крајот на оваа година. Земји како Канада и Белгија познаваат подолги и покомплексни процедури на ратификација. Според дипломатски извори во Грција, се очекува Атина да го ратификува членството на Македонија веќе на крајот на идната недела, на 8 февруари.

Откако сите 29 земји-членки на Алијансата ќе го ратификуваат пристапниот протокол, ќе се крене македонското знаме заедно со оние на сите други земји членки пред седиштето на Алијансата во Брисел, а постојаното дипломатско претставништво на земјата би требало да се пресели исто така во нови канцеларии заедно со сите други земји членки.