Македонија ја демнат стотина темпирани бомби

402

Еврокомесарот за безбедност Џулијан Кинг неодамна предупреди дека опасноста од терористички напади во Европа сѐ уште е многу висока, а таква ќе остане и во скоро време. Според експертите, токму повратниците од војните на Блискиот Исток се сметаат за опасност за безбедноста на Македонија и тие претставуваат темпирани бомби што државата треба да ги превенира. Околу 150 македонски државјани учествувале во војните во Сирија и во Ирак како припадници на паравоени формации и од нив досега во земјава се вратени околу 80 лицa

Европските држави, меѓу кои и Македонија, периодов треба поактивно да работат на зајакнување на политиката на одбрана, превенција и борбата против тероризмот, велат експертите, коментирајќи ја опасноста од повратниците од Сирија и други странски боишта во државата.
На вакво размислување стручната јавност е поттикната од последната изјава на европскиот комесар за безбедност Џулијан Кинг, но и од серијата безбедносни настани што се случија неодамна од оваа област.

Имено, комесарот за безбедност Кинг неодамна изјави дека земјите од Европската Унија ќе мораат заеднички да се борат против ширењето екстремистички содржини преку Интернет.
– Секој терористички напад на европска почва во изминатата година е поврзан со ширењето терористички содржини на Интернет – изјави британскиот еврокомесар, кој ги повика земјите од ЕУ да ги координираат своите активности во оваа сфера.

Кинг наедно ја предупреди Европа да не се опушта по успешната борба против џихадистичката група Исламска држава (ИД) во Сирија и во Ирак и оцени дека опасноста од терористички напади во Европа сѐ уште е многу висока, а таква ќе остане и во скоро време.

Белградскиот воено-политички аналитичар Александар Бечиќ, коментирајќи ја оваа изјава на Кинг, вели дека иако им се гледа крајот на граѓанските војни на Блискиот Исток, во кои нашиот регион беше индиректно инволвиран, сепак Балканот има уште многу да сработи за да ја намали опасноста од тероризмот.

– Од Балканот, најголем проблем со тероризмот на Исламската држава реално имаат Албанија и Босна, иако и другите, како Србија, Македонија, Бугарија, Црна Гора и Хрватска, не се поштедени од ова зло. Токму затоа, бидејќи овој проблем ги засега сите земји од овој дел од Европа, тие треба заеднички да се обидат да го уништат тероризмот што поскоро и многу посериозно да ги протолкуваат изјавите на комесарот за безбедност Џулијан Кинг – вели Бечиќ.

Слично размислува и поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, кој во изјава за македонскиот сервис на РСЕ вели дека македонските државјани што учествувале во странски воени формации се сметаат за опасност за безбедноста на Македонија и тие претставуваат темпирани бомби што државата треба да ги превенира.
Во контекст на овие актуелни случувања, за обележување е настанот што се случи месецов во Италија, каде што беше уапсен македонски државјанин осомничен за тероризам. Според информациите на италијанската полиција, кои ги пренесе новинската агенција ДПА, Агим Мифтаров (29) е осомничен дека се подготвувал да изврши терористички напад во името на џихадистичката група Исламска држава.
Мифтаров бил уапсен во центарот за депортација на мигранти во Палацо Сан Џервазио во јужна Италија, откако полицијата забележала сомнителни активности на неговиот профил на Фејсбук.

Тој е обвинет за „подготовка за извршување терористички акти“, за што, според италијанското законодавство, е предвидена затворска казна во траење од пет до десет години. Во соопштението на италијанското МВР стои дека Мифтаров преку Интернет читал пропагандни содржини на Исламската држава и прегледал речиси 900 видеа за обука на терористи.
Полицијата информира дека, според изјави на сведоци, тој се „самообучувал за евентуални идни терористички активности, можеби дури и во кризни региони како Сирија“.

Мифтаров во Италија работел како шумски чувар и често патувал за Македонија. Италијанската полиција почнала да го следи при неговото враќање во Италија лани во ноември, по што во април бил задржан при обид да замине за Македонија и бил префрлен во центарот за депортација.

Од македонското министерство за внатрешни работи засега нема информации дали од италијанските власти ќе побараат да го екстрадираат македонскиот државјанин, кој е уапсен во април поради сомнение за подготовка на терористички напад. Македонската полиција неодамна преку соопштение за медиумите информира дека околу 150 македонски државјани учествувале во војните во Сирија и во Ирак како припадници на паравоени формации и дека од нив досега во земјава се вратени околу 80 лица.
Според оперативни непотврдени сознанија со кои располага Управата за безбедност и контраразузнавање, досега се загинати 33 македонски државјани на странските боишта. Како главни стратегиски приоритети во борбата против тероризмот експертите ги наведуваат превенцијата, заштитата, гонењето и одговорот.

– Од превентивен аспект, се врши постојан оперативен увид врз активностите на повратниците во земјава. Од нив, осудени се вкупно 17 лица и тие издржуваат казна затвор – велат од МВР. А.С.