Македонија четврта во регионот по бројот на затвореници

121

Според познавачите, ваквите податоци говорат дека во Македонија има пренатрупаност во казнено-поправните установи, но и проблематичен затворски и судски систем

Македонија, Албанија и Србија имаат релативно висок број затвореници во казнено-поправните институции во однос на бројот на популацијата. Ова се посочува во последната анализа на центарот за статистика на Европската Унија, Евростат, објавена деновиве.

Според податоците, Албанија со просечни 197 затвореници на секои 100.000 жители е држава со најголем број осудени лица за кривични дела во однос на нејзиното население на Балканот. Во анализата на Евростат, Македонија е рангирана како земја со средно ниво на затвореници на европско ниво, сепак бројката од 146 затвореници на 100.000 жители не позиционира на високото четврто место на Западен Балкан. Пред нас, повеќе затвореници на 100.000 жители, има во соседна Србија, Црна Гора и во Турција.

Спротивно на ова, помалку затвореници на 100.000 граѓани од Македонија, пак, има во Косово и во БиХ. Во соседно Косово има околу 90 затвореници на 100.000 жители. Во исто време, како што се наведува во анализата, просечниот број на затвореници на 100.000 жители во ЕУ е 116 лица што, според Евростат, е најниска стапка уште од 2000 година. Инаку, меѓу земјите-членки на ЕУ, највисока стапка е забележана во Литванија (232 затвореници на 100.000), а потоа следуваат Чешка (209), Естонија (207), Полска (196) и Летонија (193), а најниска во Данска (59). Скандинавските земји, според анализата, имаат приближно по 50 затвореници на 100.000 жители. Во Франција, Австрија и во Германија бројот на затвореници е помал од просекот на ЕУ, и тој изнесува 103, 100 и 79 затвореници на 100.000 жители. Во Италија и во Грција бројот на затвореници, пак, на 100.000 жители е 97 односно 93.

Од друга страна, пак, меѓу државите-членки најмал број затвореници убедливо е забележан во Исланд, каде што според Евростат бројот на затвореници е само 38 на секои 100.000 жители. Потоа се рангираат државите од Северна Европа, при што Финска има 56 затвореници, Шведска 57 и Данска 59 на 100.000 жители.
Адвокатот Звонко Давидовиќ, коментирајќи го последниот извештај на Евростат за состојбата во европските, но и во македонските затвори, вели дека земјава, иако се наоѓа на средно ниво со стапката на затворање во казнено-поправните институции, состојбата во домашните затвори ја отсликува комплетно состојбата во општеството, но и во судството во целост. Според него, сите извештаи на меѓународните организации на оваа проблематика говорат дека Македонија има пренатрупаност и проблематичен затворски систем.

– Според мене, овие податоци што се наведуваат во извештајот упатуваат на причините дека не се води сметка за тој дел од општеството, бидејќи политиката во последните години буквално се сведува на моментот да се дојде на власт и да направи за себе и своите партиски членови и тука некаде завршува муабетот. Многу малку сметка се води за преостанатото, а уште помалку за неефективниот затворски и судски систем. Сите извештаи говорат дека притворот во Македонија станува повеќе казна отколку мерка, што говори дека земјава не е доволно развиена во овој сегмент, а судството е раштимано – објаснува Давидовиќ.

Во однос на условите и пренатрупаноста во казнено-поправните установи во земјава, Давидовиќ додава дека и понатаму тоа е горлив проблем, кој го нарушува човековото достоинство на лицата лишени од слобода. Според него, сѐ помалку во затворите имаме лица осудени за организиран криминал, а сѐ повеќе затвореници за лесни кривични дела.

– Ние имаме во затворите многу луѓе што се со краткотрајни казни за одржување. Во ЕУ, на пример, тој проблем го решија поинаку, односно со давање условни казни, но и повеќе краткотрајни санкции со извршување општествена работа на осудениот, и со тоа се намали бројката на затворени лица во нивните затвори. Кај нас, пак, состојбата на оваа тема е сосема спротивна. Иако имаме можеби зголемен број кривични дела, судството помалку практикува да спроведува вакви одлуки. Оттука можам да кажам дека потребно е подлабоко истражување на оваа тема, бидејќи за решение на овој проблем влијаат повеќе фактори, за што, всушност, говорат и овие податоци на сите извештаи во кои ни се посочува дека имаме лош затворски и судски систем во земјава – оценува Давидовиќ.