Македонија станува дом за стари лица

263

Потребно е да се преземат итни, директни и конкретни мерки, зашто очигледно е дека сето она што се преземаше со години како популациска стратегија не дало плод, алармираат демографите откога земјава годинава првпат влезе во фазата на негативна стапка на природниот прираст на населението

Три теми може да се лоцираат како главни причини поради кои Македонија влезе во фазата на негативна стапка на природниот прираст на населението. Едната, која е и европски тренд, е современиот начин на живот, кој во просек бележи едно до две деца во семејство. Втората е отсуството на каква било државна политика за стимулирање на наталитетот. И третата, можеби најкарактеристична за Македонија, е трендот на масовно иселување на младите, кои се основа на развој на популацијата. Иселувањето е тренд што бележи сѐ помасовни размери. Статистиката бележи дека, за разлика од тоа што во земјава секоја година се раѓаат сѐ помалку деца, во земјите на Европа има тренд на сѐ поголем број новородени деца од родители што потекнуваат од Македонија.
Во јавноста со години се наметнува прашањето дали некој во земјава сериозно се занимава со демографските трендови и движења на населението, како и со лоцирање на главните причини за ваквата намалена стапка на наталитет.
Демографот Дончо Герасимовски очекува бројките до крајот на годината да бидат погубни, а во 2020 година да бидат уште поизразени.

– Потребно е да се преземат итни, директни и конкретни мерки, зашто очигледно е дека сето она што се преземаше со години како популациска стратегија не дало плод. Неминовно е Владата да го отвори прашањето за стратегија за демографската и популациска политика во државата. На пример, во Србија, тамошниот претседател Александар Вучиќ поведе постапка, односно назначи министер без ресор за популациска политика и формира комисија што ќе работи на ова прашање. И многу други земји имаат почнато низа активности – посочува Герасимовски.

Професорката Билјана Ванковска во својата последна колумна за „Нова Македонија“ напиша податок дека оваа година биле запишани рекордно мал број студенти на факултетите, што укажува на уште еден податок за иселувањето на младите.
– Оваа година запишавме рекордно најмал број студенти, „белата смрт“ си го зема данокот, како и нефункционалноста на државата, која дејствува повеќе како „контрацепциско средство“ од кое било друго, па младите семејства или немаат деца или имаат едно. Студентите ми велат дека нема да излезат на избори: разочарани од едните (изневерени и од пленумците, кои ја убија и последната надеж за автентичен младински активизам) и недоверливи кон другите. Не гледаат ниту еден пример за восхит, лик со кој би се идентификувале (рол-модел). Сигурно не во оние што збираат смет, ама не прават ништо да забранат увоз на токсичен отпад. Нивните родители и учители се лузери, кукавици или неспособни опортунисти. Еден од моите најбрилијантни студенти вели: „На генерацијата растена со интернет и мемиња поблиски ѝ се тинејџерите од Западот одошто децата од некое наше село. Тоа нема многу врска со нашата политика (млад човек во тие години си бара некоја кауза, како онаа на Грета), ама се плашам дека политичарите брзо ќе најдат начин да ги преземат, исто како со средношколскиот пленум. Македонија е дом за старци и за умирање. А најдобрите заминуваат/заминаа без воопшто да се регрутираат во бесмислени битки за смена на еден режим со друг – пишува Ванковска во колумната.

Фото: Дарко Андоновски

Последното истражување на јавното мислење на тема „Иселување на младите и квалитет на живот“, спроведено од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС), во периодот од 10 до 13 јуни годинава, на 1.119 полнолетни испитаници на ниво на целата земја покажа дека иселувањето надвор од државата е опција дури за 70 отсто од студентите.

Статистиката вели дека во академската 2018/2019 година се запишани вкупно 53.677 студенти, што е намалување за 5,7 отсто во однос на претходната година, кога биле запишани вкупно 56.941 студент.
Ако во 2010 година имало 24.296 родени деца, минатата година таа бројка паднала на 21.333, што е намалување за 2.963 деца.

На државно ниво во 2018 година како првачиња биле запишани 22.130 деца. Тоа е генерацијата деца што се родени во 2012 година, со оглед на тоа дека во основно училиште се запишуваат деца на шестгодишна возраст. Таа 2012 година, според статистиката, во Македонија биле родени 23.568 деца. Ако се знае дека основното образование е задолжително и дека сите деца треба да бидат запишани на училиште, грубата математика покажува дека од родените деца во 2012 година, 1.483 деца не се запишале како првачиња во 2018 година.

Тука се отвора дилемата каде се овие деца. Дали не се запишани во училиште или, пак, заедно со родителите се иселени од земјава? Дали забрзаното иселување на жителите остава длабоки траги врз намалувањето на бројот на првачињата во земјава?
Според познавачите на состојбите, оваа бројка покажува дека овие деца заедно со своите родители се иселени од Македонија и дека основното образование го почнале во некоја од земјите на Западна Европа.

Македонија годинава првпат во својата историја влезе во фаза на негативен природен прираст или, како што се нарекува, во фаза на поголем морталитет од наталитет. Ова го покажуваат статистичките податоци, според кои, во првите девет месеци од годинава се родиле помалку деца отколку што починале лица. Значи, во првите девет месеци од годинава во земјава се живородени 14.622 деца, а во истиот период во 2018 година биле родени 16.069 деца. Анализата покажува дека во првите девет месеци од годинава имало 1.447 помалку живородени деца отколку во истиот период лани.
Од друга страна, во првите девет месеци во 2019 година се умрени 730 повеќе лица од лани, или во 2019-та се умрени 15.260, а во 2018 година биле умрени 14.530 лица.
Тоа практично значи дека населението во државата со ваков тренд ќе се намалува наместо да расте и дека белата чума ја стигна и Македонија, една од последните држави во регионот што досега имаше минимален пораст на населението.

[email protected]