Македонија се сеќава на масакрот кај Карпалак

415

На 8 август 2001 година десет резервисти на македонските безбедносни сили беа убиени, а тројца ранети кога конвој од хермелин, два автобуса, камион и комбе од Прилепската касарна се движел кон Тетово. Кај месноста Карпалак конвојот наишол на заседа организирана од вооружените силите на Ослободителната Народна Армија (ОНА) во текот на воениот конфликт во 2001 година.

Во 9:30 часот бил отворен жесток оган од тешки митралези и рачни ракетни фрлачи. Едно транспортно возило било погодено со ракетен фрлач, при што загинале осум војници и двајца офицери, сите од резервниот состав на македонските сили. Со ракетен фрлач бил погоден и еден од автобусите. Борбите за извлекување на преживеаните 108 луѓе траеле повеќе часови.

Честувањата по повод 19 години од масакрот кај Карпалак започна со полагање на цвеќиња на спомен обележјето во касарната „Мирче Ацев“, а денес ќе продолжи на местото на настанот и во центарот на Прилеп.

Меѓу загинатите беа Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Бранко Секулоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Горан Миноски, Веби Рушитоски, Дарко Велјаноски, Марко Деспотоски и Пецо Секулоски.