Македонија нема граѓани заболени од антракс, од болеста угинале неколку животни

188

По денешната прес-конференција на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, на која беше објавено дека постојат сомнежи за појава на болеста антракс кај добиток во Македонија, се огласија и Министерството за здравство (МЗ), како и Агенцијата за храна и ветерина (АХВ).

Двете надлежни институции тврдат дека на територијата на Македонија нема граѓани заболени од болеста антракс, туку угинале неколку животни во Кичевско.

– Болеста за која денес ВМРО-ДПМНЕ непотребно создава паника не е новост во нашата земја и за неа согласно Годишната наредба за здравствена заштита на животните се врши превентивна вакцинација во дистриктите (места каде се преземаат посебни мерки за сузбивање и искоренување на оваа болест со задолжителна вакцинација на животните во наредните 20 години) – појаснуваат од Агенцијата.

Од таму информираат за случај во селото Долно Строгомиште, Кичевско, за кој како што велат, навреме се преземени сите потребни мерки за справување со болеста.

– Угинатите животни под надзор на официјален ветеринар се спалени и нештетно отстранети, во фармата е извршено темелно чистење и дезинфекција. Донесена е и забрана за влез и излез на животни од и во одгледувалиштето – се наведува во соопштението.

Засега болеста е детектирана кај животни од едно одгледувалиште, а соседните одгледувалишта се ставени под надзор на официјален ветеринар.

– Нови случаи на појава на болеста кај добитокот нема. Одржан е итен соостанок на Комисијата за заразни болсети при Министерството за здравство, спроведено е и епидемиолошко испитување за утврдување на можниот извор на заразата, а се врши и едукација на населението од ова населено место – истакнуваат од АХВ од каде додаваат дека во Долно Строгомиште наредена е мерка за вакцинација кај добитокот против болеста антракс.