Македонија најзапалива во Европа

719

Најновата генерација сензори на сателитите на Американската агенција за вселенски истражувања (НАСА) регистрирала дури 992 пожари во Македонија од почетокот на годината, од кои дури 287 во последните седум дена, од 21 до 28 октомври, и тоа претежно во Скопската Котлина, но и во тиквешкиот и во полошкиот регион

Додека во заднината на секојдневните политички искрења и на општата вознемиреност поради неодамнешното недобивање датум за почеток на преговори со Европската Унија граѓаните го губат здивот од енормното загадување, чии предизвикувачи постојано се непознати за надлежните, најновата генерација сензори на сателитите на Американската агенција за вселенски истражувања (НАСА), кои имаат цел откривање пожари и жаришта, регистрирала дури 992 пожари во Македонија од почетокот на годината. Од нив дури 287 се забележани во последните седум дена, од 21 до 28 октомври, и тоа претежно во Скопската Котлина, но и во тиквешкиот и во полошкиот регион. Па, така, во посочениот период, во Кавадарци и во околината имало дури 62, а во Гостивар 46 опожарувања во текот на минатата недела. Зад овие два водечки града следуваат Македонски Брод со 41, Теарце со 25, Росоман со 23, Чашка со 21, Боговиње со 18 пожари. Во однос на скопскиот регион сателитите на НАСА за глобално детектирање пожари најмногу опожарени места воочиле во општината Аеродром, Арачиново, Бутел и Чаир. Според овие статистики, Македонија и соседна Србија, во октомври имале најмногу пожари во Европа.

Фото: Игор Бансколиев

Податоците прикажани на оваа страница претставуваат информации за „предупредувања за пожари“ или „жаришта“ откриени од термички сензори на различни сателити на НАСА, што резултира со два огнени производи, означени со МОДИС и ВИРИС, а нивното сателитско следење и мониторирање, како што се наведува на страницата, се врши двапати во текот на едно деноноќие со што податоците се сметаат за реални и навремено ажурирани.

Инаку, во текот на изминатиот ден се обидевме да побараме коментар за овие информации од надлежните институции и да дознаеме дали тие ги користат информациите објавени на страницата „Глобал форествоч“ при Американскиот институт за светски ресурси и како би можеле овие информации да помогнат во борбата со палењето на шумите и на стрништата со кои се загадува воздухот. Од Центарот за управување со кризи, како една од институциите надлежни за оваа проблематика, до затворањето на весникот не добивме одговор. Од Државниот земјоделски инспекторат, кој, меѓу другото, треба да врши надзор врз сезонското палење на стрништата на земјоделците, објаснуваат дека тие вршат зачестени заеднички контроли на теренот со полицијата, противпожарните бригади и Дирекцијата за заштита и спасување.

– Државниот инспекторат за земјоделство секогаш постапува по пријави од граѓани и врши контроли по сопствена иницијатива. Но треба да напоменеме дека инспекторатот не е опремен со теренски возила и опрема за откривање пожари. Наедно, има и недостиг од инспектори, бидејќи тие постапуваат по голем број закони и прописи. Во есенскиот период се засилени инспекциските контроли, а земјоделците треба да се едуцираат да не ги палат површините и да се разгледа можноста за донесување законска регулатива за палењето да се изведува под строго утврдени услови – соопштија од Државниот земјоделски инспекторат.

Инаку, од почетокот на годината, надлежните институции во заедничка акција спровеле 1.291 контрола, издале 21 платен налог во постапка за порамнување, а поднесени се само две барања за поведување прекршочна постапка. Во случаите кога станува збор за непознат сторител, одговорноста да се откријат потпалувачите е на полицијата. Каква е волјата и опременоста на полицијата е друго прашање. Во меѓувреме, загадувањето на воздухот е еден од клучните проблеми што ги мачат граѓаните, а во последните денови се актуализира поради високото ниво на загаденост со ПМ 10 честички во Скопје, Куманово и во Тетово. Екоактивистите постојано нагласуваат дека воздухот во Скопје во вечерните часови има мирис на хемикалија и предизвикува печење на грлото и кашлање.

[email protected]