Македонија и Србија ја реактивираат меѓувладината комисија за заштита на малцинските права

526

Четиринаесет години од потпишувањето на билатералната спогодба помеѓу Србија и Македонија, двете држави постигнаа договор за реактивирање на меѓувладината мешовита комисија за заштита на малцинските права. На вчерашната средба на министерот за дијаспора Едмонд Адеми и министерот за државна управа и локална самоуправа Бранко Ружиќ договорено е меѓувладината комисија првата средба да ја оствари во октомври.

– Се надевам дека меѓувладиниот мешовит комитет наесен ќе се состане првпат од 2004 година, кога е и потпишана спогодбата, а секако тука се октомври и ноември, кога се и изборите за националните совети, и верувам дека сето тоа ќе помине во најдобар можен ред и во интерес на македонското национално малцинство во Србија – изјави Адеми.

Измените на законите за изборите и работата на националните совети на малцинствата во Србија, меѓу кои и македонското, беа во фокусот на разговорите на двајцата министри.

– Со оглед на тоа што македонската влада многу посериозно и поагилно се занимава со своите државјани во дијаспората низ светот, ние успеавме да најдеме заеднички именител на нашата заедничка соработка – рече Ружиќ. Според Ружиќ, меѓувладината мешовита комисија е еден од моделите што може да ги растовари земјите од дневнополитички прашања, кои на Балканот секогаш ги има, и да помогне владите да се фокусираат на интересите на двете држави, на нивните државјани и на малцинските политики. Во Србија, според последниот попис од 2011 година, 22.755 лица се изјасниле како припадници на македонската националност. Според неофицијалните процени, во Србија живеат над 100.000 Македонци.