Македонија и Бугарија ја зајакнуваат соработката во одбраната

211

Началникот на генералштабот на Вооружените сили (ВС) на Бугарија, генерал Андреј Боцев, во рамки на тридневната официјална посета на земјава денес престојуваше во Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата.

По пречекот со високи воени почести, генералот Боцев оствари средба со својот домаќин, началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, по што се сретна и со вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.

Во разговорите со министерката Шекеринска стана збор за продлабочување на соработката во обуката на медицински сили, логистика, комуникација, односи со јавност и обука на пилоти.

Заблагодарувајќи се за брзата ратификација на Пристапниот протокол за прием на нашата земја во НАТО, министерката Шекеринска се осврна на успешно реализираната вежба „Одлучен удар“ во која учествуваше и Бугарија, и рече дека таквите вежби ја зајакнуваат интероперабилноста меѓу армиите и се одличен пример за регионална и меѓудржавна соработка.

Генералите Ѓурчиновски и Боцев за време на средбата разговараа за меѓусебната воена соработка која е во постојан подем, особено во изведување во заедничка обука помеѓу единиците на воена полиција и специјалните единици и заедничко учество на вежби.

Генералот Ѓурчиновски искажа благодарност за поддршката во поглед на нашиот интегративни процес за полноправно членство во НАТО и можноста за школување на нашите старешини во највисоките воени образовни институции во Република Бугарија, кое заедно со соработката во заедничката обука и вежби претставува добра основа за надградување и унапредување на билатералната соработка.

Од страна на генералот Боцев, беше истакнато дека соработката помеѓу двете армии и во наредниот период ќе се интензивира со поголем број вежбовни активности, пренесување на искуствата од НАТО-интеграцијата, како и во делот на воено-техничката соработка. За време на состанокот, делегацијата од ВС на Република Бугарија се запозна со процесот на трансформацијата на Армијата, учеството во мировните операции и придонесот во справување со мигрантската криза, користење на капацитетите на АП Криволак за вежбовни активности, а се разговараше и за можностите и облиците на понатамошната воена соработка помеѓу двете армии.

НГШ на ВС на ВС на Република Бугарија, за време на посетата, ќе оствари средба со
претседателот Стево Пендаровски, а ќе ги посети полкот за специјални операции и воено-медицинскиот центар каде ќе се запознае со нивната мисијата и задачи.

Високата воена делегација за време на тридневниот престој ќе има можност да посети и дел од културно-историските споменици во Македонија, а в недела ќе присуствува на централната свеченост по повод одбележување на денот на Армијата во центарот за обука на вода во Охрид. Соработката на македонската армија со ВС на Бугарија во тековната година има преку триесетина заеднички воени активности од кои дел се во нашата република, а дел во Бугарија.