Магла сегде околу нас

127
Фото: Игор Бансколиев

Магливото време предизвикува проблеми кај целата популација, со тоа што кај ранливите групи, како постарите лица, децата, луѓето со болести на срцето и на белите дробови, може да се јават и посериозни здравствени проблеми

Маглата што деновиве почна да се спушта во котлините низ земјава, во комбинација со загадувањето, дополнително ја зголеми концентрацијата на штетни честички во воздухот, предизвикувајќи здравствени, но и други проблеми кај населението.
Енормно загадување деновиве е забележано во Тетово, Битола, Скопје и Струмица, а актуелните временски услови не влеваат надеж дека во следните денови може да дојде до поголема промена на состојбата.
– Маглата по котлините, и тоа во текот на целиот ден, ќе ја имаме некаде до четврток, кога се очекува да дојде до наоблачување – велат од УХМР.

Според нивните податоци, за изминатите 30 години, конкретно во Скопје, просечно годишно има по 23 дена со магла, со тоа што во зимските месеци, декември, јануари и февруари, просекот за Скопје е 16 магливи денови. Станува збор за денови во кои видливоста е помала од еден километар.
Појавата на сезонска магла влијае и врз температурите на воздухот, кои во местата без магла се искачуваат и до 15 степени, додека во котлините не надминуваат повеќе од пет до осум Целзиусови степени.
Магливото време предизвикува проблеми кај целата популација, со тоа што кај ранливите групи, како постарите лица, децата, луѓето со болести на срцето и белите дробови, може да се јават и посериозни здравствени проблеми.

– На чувствителните групи им се препорачува да избегнуваат напорни активности надвор и работата да ја пренасочат во затворен простор додека не се подобри квалитетот на воздухот. Другите граѓани треба да го намалат престојот надвор, да го намалат интензитетот на напорни активности и да прават почести паузи ако работат на отворено – препорачуваат докторите.

Маглата е проблематична и при греење на домовите со инвертер-клими, кои во такви услови почесто преминуваат во режим на одмрзнување и се помалку ефикасни. Токму државата реши да субвенционира купување инвертер-клими за да го намали загадувањето на воздухот предизвикано од нееколошкото загревање на домовите.

– Котлините, како Пелагониската, Полошката и Скопската, се карактеризираат со магли во овој период од годината. При одредени временски услови, присуство на антициклон, нема размена на воздушни маси и доаѓа до температурни инверзии, односно студениот воздух останува долу, а во местата без магла имаме сончево и топло време. Маглата, во комбинација со загадувачки честички, го прави смогот што е многу штетен по здравјето на луѓето – вели Пеце Ристевски, климатолог.

Магливото време го зголемува ризикот и од сообраќајни несреќи, а возењето во услови на магла станува многу понапорно за возачите, кои понекогаш не ја приспособуваат брзината според условите на патот и доаѓа до незгоди. Проблеми има и во авионскиот сообраќај, бидејќи во услови на магла се одложуваат многу летови.

Маглата по котлините стана сериозен проблем откако се зголеми и нивото на загадување од загревањето на домовите, индустријата и сообраќајот, така што во решавањето на овој проблем се вклучија и научниците, кои преку разни проекти се обидоа да создадат услови за растерување на маглата.

Истражувачите и иноватори Владо Спиридонов, Чало Чаовски и Стефан Стефанов своевремено понудија решение за проблемот со маглата, но нивниот изум, патентиран уште во 2000 година, не наиде на поширока примена. Беа извршени неколку експериментални тестирања врз таканаречена студена магла, која е под нула степени, кои дадоа резултати, но проблем се јави околу исплатливоста на целиот проект, поради што тој никогаш не заживеа.

Инаку, самиот проект предвидуваше расчистувањето на маглата со помош на разладувачки реагенс што се испрскува во воздухот, при што доаѓа до хомогена нуклеација на водената пареа и се формираат кристали, кои паѓаат во вид на снег. На тој начин за 30-50 минути се расчистува просторот и видливоста се зголемува. Сетот за растерување на таканаречената студена магла може да биде статичен или мобилен. Овој експеримент се користи и е ефективен само за ладна магла, односно кога температурата е под нулата.