Лекари нема ниту за лек

5107

На Уролошкото одделение во Битола, на пример, има само еден лекар-специјалист што се грижи за илјадници пациенти, а слична е состојбата и на другите одделенија

Пред неколку години, кога во Клиничката болница во Битола лекарите почнаа масовно да си заминуваат и да бараат работа во некоја од приватните болници и во клиничките центри во странство, еден познат битолски интернист, Пеце Стефановски, кој исто така по исполнувањето на годините за старосна пензија својата кариера ја продолжи во приватна болница, го изнесе својот став за таквата ситуација.
– Доколку вака продолжат работите во битолското здравство се плашам дека за мошне кратко време не само што ќе нема кој да ги лекува пациентите, туку ќе нема лекари да нѐ лекуваат и нас лекарите – ни изјави тогаш Стефановски.
И навистина неговите песимистичките прогнози се обвистинија.
Во Битола во некои служби нема лекари да им помогнат не само на пациентите туку дури и на своите колеги.

Таков случај имаше деновиве, кога на сопругот на една искусна лекарка-специјалистка во Клиничката болница во Битола му требаше интервенција на Уролошкото одделение, каде што состојбата со медицинскиот персонал е најкритична. Меѓутоа, немаше лекар да го прегледа и да му укаже помош, па на сопругот на лекарката мораше да му биде ставен катетер во болницата во Струга.
– Токму така. Иако се работеше за рутинска интервенција сепак бидејќи таа вечер на урологија немаше дежурен доктор моравме пациентот да го носиме за интервенција во Струга – ни изјавија во Клиничката болница во Битола.
Во Клиничката болница во Битола има служби каде што нема лекари, или, пак, има само по еден лекар.

Најкритична и најзагрижувачка е состојбата со Уролошкото одделение каде што има само еден лекар-специјалист. Тоа е доктор Илија Келепуровски.
Во некогаш најдобрата и најрепрезентативна служба на урологија во Клиничката болница, во која работеа врвни уролози, лекари-специјалисти, како што беа основачот на службата и поранешен министер за здравство Петар Илиевски, потоа врвните уролози Радослав Наковски, Виктор Јанковски, Трајко Батаџиевски, кој од Србија дојде да работи во Битола, Павле Крстев, Стефан Јовановски, Зоран Поповски, остана само лекарот Илија Келепуровски. Другите лекари или починаа, или заминаа во странство или во пензија, а млад кадар нема дојдено, па така само лекарот Илија Келепуровски мора да се грижи за здравствената заштита на голем број пациенти.
Иако, како што вели лекарот Илија Келепуровски, тој не се плаши од работа, сепак не само што е невозможно, туку и нехумано еден лекар да се грижи за здравствена заштита на илјадници пациенти, кои имаат бубрежни проблеми.

– Проблемот со медицинскиот кадар е навистина огромен. Иако ние во кратко време, само минатата година вработивме дури 140 лица медицински персонал, од кои 37 лекари, сепак поради лошата старосна структура и заминувањето на голем број лекари во пензија, или на работа во приватни болници и странство, во некои служби буквално останавме без кадар.

Најкритична за нас е состојбата со урологија каде што имаме само еден лекар-специјалист. Но имаме проблеми и во другите служби, како што се неврохирургија, каде што исто така имаме само еден лекар специјалист, потоа анестезија, педијатрија… – вели директорот на Клиничката болница во Битола Зоран Лазаров.
Благодарение на ангажирањето на менаџерскиот тим и помошта од Министерство за здравство, како и од разни донации од земјата и од странство, во изминатиот период се реализирани голем број проекти за набавка на современи медицински апарати, извршено е реновирање на голем број одделенија, купени се медицински помагала и во голема мера се подобрени условите за работа на лекарите и другиот медицински персонал, сепак во моментот најголем и најсериозен проблем за Клиничката болница во Битола е недостигот од медицински персонал и кадар.

– Проблемот со недостиг од медицински кадар, особено лекари, не е само проблем на Клиничката болница. Со истиот проблем се среќаваат и многу други здравствени установи и болници во државата. Ние во изминатите години настојуваме со помош на Министерството за здравство овој проблем да го решиме, но сепак не е само до нас.
Старо и познато правило е дека медицинскиот кадар ниту се создава ниту може да се создаде прекуноќ. Тоа е долгорочен процес и затоа државата мора да води сметка за медицинскиот персонал. Тука не мислам само на лекарите, туку и на медицинските сестри и другиот технички персонал, кои исто така се дефицитарни, бидејќи и тие почнаа масовно да заминуваат во странство – вели претседателот на Синдикатот на здравствените работници Љубиша Каранфиловски.
За да ублажи овој проблем со недостиг од кадар во Клиничката болница се преземаат многу чекори.

– За да ги задржиме лекарите да останат на работа во Клиничката болница ние годинава обезбедивме дури 20 специјализации, што до пред само извесно време беше буквално незамисливо, а и постојано на нововработените им нудиме специјализации – вели директорот на Клиничката болница во Битола Зоран Лазаров, кој како искусен лекар добро го познава овој проблем.
Проблемот со недостигот од медицински кадар и персонал, покрај вработените во Клиничката болница, најмногу на своите плеќи го чувствуваат и битолчани, кои поради тоа најчесто здравствени услуги бараат во приватните здравствени установи и клиники.