Лајчак смета дека Македонија е успешна приказна и пример за регионот

381

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска, во Брисел, имаа средба со Мирослав Лајчак, специјален претставник на ЕУ за Западен Балкан и дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Како што информираат од владината прес-служба, соговорниците биле едногласни дека Северна Македонија е подготвена да ги почне преговорите со ЕУ, притоа истакнувајќи го напредокот на земјата како успешна европска приказна во регионот и пример за другите земји од Западен Балкан.

– Европската перспектива на Северна Македонија мора да продолжи, без разлика на предизвиците на овој пат. Тоа ќе биде потврда за одржувањето на политиката на проширување на агендата на ЕУ, но и дека вистинското инвестирање во реформите и во добрососедските односи значат и сигурен влог во подобра иднина за граѓаните – било посочено на средбата.

Османи и Димитров нагласиле дека Република Северна Македонија високо ја цени улогата што од страна на ЕУ му е доделена на амбасадорот Лајчак како посредник во разговорите помеѓу Србија и Косово, како и на други прашања во регионот.

– Приближувањето на ставовите на Приштина и Белград и нормализацијата на односите меѓу двете земји ќе претставува огромен влог во стабилизацијата и европеизацијата на целиот регион – истакнале македонските претставнци.