МВР поднесе кривична пријава против едно лице од тетовско Теарце за кривично дело загрозување на сигурноста против новинари, соопшти Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

– МВР достави известување до ЗНМ дека е поднесена кривична пријава против А.Е.(36) од с.Теарце, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ против новинари. Одговорот на МВР во врска со овој случај е за поздравување, а следен чекор е итна проактивност од страна на обвинителството, а потоа и судот со цел оние кои ги прекршуваат правата на новинарите да бидат соочени со правдата – велат од ЗНМ.

На 22 март од страна на Здружението на новинарите на Македонија беше поднесено барање за постапување по пријави за закани по безбедност на новинари и медиуми на „Фејсбук“. Станува збор за случај во кој од профилот на оваа социјална мрежа именуван како Арбен Есати беше објавена содржина проследена со експлицитни закани кон новинари и медиумски работници од медиумите: Без Цензура, ТВ 21, Газета Експрес, Тетова Сот , Коха ТВ, Коха Њуз, Куманова Сот, ТВ Шења и Лајми Пресс.

– Ваквата објава од лицето Арбен Есати предизвикала чувство на страв и несигурност од загрозување на животот на дел од новинарите од овие медиуми и на членови на нивните семејства. По ургенцијата од страна на ЗНМ а во координација со дел од новинарите кои се засегнати од овој случај беше доставено образложено барање до МВР за итно спроведување на истрага – велат од ЗНМ.

Од таму истакнуваат дека ова е прв посериозен случај за повреда на правата на новинарите кои го регистрира ЗНМ во 2021 година.

Во 2020 година ЗНМ бележи вкупно 14 напади и сериозни закани кон новинарите, а само еден случај имаше судска разрешница.