Кривичен суд: Судиите во целост ги почитуваат првата на странките

23

Во однос на наводите на странките кои постапуваат во предметите на Специјалното јавно обвинителство, а кои се водат пред Кривичниот суд, за неусогласеност, пречесто закажување на судења или одолговлекување на одредени предмети, од Судот велат дека судиите во целост ги почитуваат првата на странките, како во овие така и во сите други предмети.

– Со крајни напори се прават прецизни и усогласени распореди на закажување на главните расправи се со цел да се овозможи доволно време на обвинетите и нивните бранители квалитетно да ја подготват својата одбрана, доследно да се почитува принципот на еднаквост на оружјата и правото на судење во разумен рок, се наведува во соопштението од Кривичниот суд.

Оттаму посочуваат дека не може да се занемари фактот дека дел од обвинетите лица, според поднесените обвинителни акти на СЈО, се јавуваат како обвинети во повеќе предмети, а само еден од обвинетите е опфатен во пет различни предмети и во таа смисла не може да се насрочува главна расправа во ист ден.

– Дополнителен проблем е што поголем дел од обвинетите имаат по двајца или повеќе бранители, па затоа при насрочување на расправите се внимава на судењето да биде присутен барем еден од бранителите кои ги застапуваат обвинетите, велат од Судот.

Во однос на наводите дека за одредени предмети на СЈО не се насрочуваат доволно расправи, од Кривичниот суд напоменуваат дека само во текот на септември 2018 година, од 20 работни дена, во 19 од нив се насрочени расправи за 16 различни предмети по кои постапува Специјалното јавно обвинителство, а воедно термините се усогласени како би се овозможиле доволно време на одбраната да се подготви.

– Вреди да се напомене дека од декември минатата година до денеска изречени се и четири пресуди по предметите на СЈО што е евидентен показател дека нема никаков застој во динамиката на постапување, се наведува во соопштението од Судот.

Судиите во Кривичниот суд во овој момент постапува и по 1.633 други предмети во Одделението кривично – полнолетни и 126 други предмети во одделот за Организиран криминал и корупција, меѓу кои и предмети со над 30 обвинети од кои дел се во притвор, и овие предмети неможе да се занемарат за сметка на други.