Крај на хоророт во битолскиот затвор

1827
Фото: Менде Младеновски

Битолскиот затвор кај „Црн мост“ од пред извесно време е целосно празен и отворен. Првпат откако е изграден овој затвор, освен на влезната капија, нема ни полицајци ни чувари. Во затворот нема ни затвореници. Тие од пред извесно време се преместени во другите затвори во државата, а најголемиот број во прилепскиот. Тука единствено можат да се забележат градежните работници на фирмата „Стетон градба“, кои работат на темелната реконструкција на затворот.

Откако обезбедивме одобрение за посета, „Нова Македонија“ имаше ексклузивна можност да го посети затворот и, пред неговата целосна реконструкција, да види во какви услови живееле затворениците што издржуваа казна или беа во притвор во овој затвор од полуотворен тип. Откако беше одобрена нашата посета, директорот на затворот Драган Крајовски љубезно ни го покажа секој дел од затворот. „Нова Македонија“ имаше можност ексклузивно да ја види и сними ќелијата во која бил измачуван војводата Александар Турунџев.

Ќелијата во која „лежел“ тој има едвај 1,5 квадратен метар. Во неа уште стои миндерчето на кое спиел Турунџев. Веднаш над влезната врата во која беше сместен Турунџев има едно мало прозорче, низ кое тој можел да ја види светлината на денот. Ќелијата на Турунџев, која беше сместена во објектот на мудурот, ја отсликува целата голгота низ која морал да помине пред да биде обесен во Јени Мале.

Но тоа што е загрижувачко е што во слични ќелии, кои се поголеми за речиси половина квадрат, до неодамна беа сместени притворениците во битолскиот затвор. Притворските ќелии се големи само околу два квадратни метри и во нив собира само едно мало креветче. Во ќелијата е и вецето во кое притворениците можеле да ги вршат своите физиолошки потреби.

– Овде куче да затвориш ќе се споулави, а не човек – ни вели еден од мајсторите што работат во притворските ќелии.

Во нив прозорците за воздух се малку поголеми отколку во ќелијата каде што „лежел“ Александар Турунџев. Но и таму сонцето и светлината ретко можеле да допрат.
Ништо подобри не се ни условите во просториите каде што престојувале затворениците што ја одлежувале казната затвор, па ни просторот каде што притворените лица можеле да шетаат во кругот на затворот за чист воздух. Директорот на затворот Драган Крајовски, гледајќи ги нашата вџашеност и збунетост од условите што постоеле во затворот во Битола, ни рече дека на таквата ситуација ѝ дошол крајот.

Според него, наскоро битолскиот затвор ќе добие сосема нов лик. Со средства од Европската Унија и програмата ИПА 2, битолскиот затвор ќе биде темелно реконструиран и реновиран. За оваа реконструкција се обезбедени средства од околу еден милион евра од европските фондови, а општината Битола со одлука на советот се откажа од комуналиите.

– Условите во затворот навистина беа неподносливи. Иако капацитетот на затворот беше само околу 80 затвореници, заедно со притворениците, во него понекогаш беа сместувани дури и по 140 затвореници. Во затворот некогаш имавме и по 40 притвореници. Сега, со реконструкцијата, не само што ќе се подобрат условите за престој на затворениците и притворениците туку и капацитетот на затворот драстично ќе се намали. Со проектот, кој е европски и е направен по европски стандарди, со надзор од Франција, затворениците ќе имаат по девет кубни метри простор, колку што е европскиот просек. Потоа затворениците ќе имаат посебни бањи, се поставува подно греење, а, што е најважно, покрај просториите каде што ќе ја одлежуваат казната затворениците, и ќелиите на притворениците ќе имаат дневна светлина, богато снабдена со книги од библиотека, занимална – вели Крајовски.

Инаку, во битолскиот затвор не постои документ од кој може да се види кога бил изграден затворот кај „Црн мост“. Но се претпоставува дека тој е изграден во турско време, а за тоа најдобра потврда е зградата на мудурот, во која сега, по реновирањето во моментот е сместена канцеларијата на директорот на затворот и администрацијата.
Се предвидува темелната реконструкција на затворот да заврши до крајот на 2019 година. Според постојната документација, ова е прва ваква темелна реконструкција во овој затвор, со која целосно ќе сменат условите за престој на затворениците. До неодамна овој затвор одвреме-навреме само се варосуваше, а зад светлите фасадни бои на затворот се криеше целата темнина во која своите гревови ги плаќаа затворениците што се огрешиле пред законот.