Кој ќе му пресуди на СЈО?

1044
Фото: Игор Бансколиев

Додека се чека расправата за законот за Јавно обвинителство во Собрание, дополнителна дилема во правната сфера е и функционирањето на СЈО, со оглед дека главната обвинителка и потписничка на сите одлуки Катица Јанева е во притвор, а изборот на нејзин заменик е заглавен во правнополитичките лавиринти

Иднината на специјалното јавно обвинителство (СЈО) останува енигма откако работните групи на партиите не успеаја да утврдат термин за состанок, на кој би требало да ги усогласат ставовите за новиот закон за Јавно обвинителство. Собранискиот спикер Талат Џафери седницата на која треба да се расправа за овој закон ја закажа за 27 август, кога завршува одморот на пратениците, но со оглед на краткиот временски рок, прашање е дали партиите дотогаш ќе се договорат за овој закон.

– Нема договорено точен термин кога би можел да се одржи состанокот на работните групи за законот за Јавно обвинителство. Очекувам тоа да биде на почетокот на следната недела – изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
И премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, изрази надеж дека работните групи ќе се сретнат во најкраток можен рок, без да прецизира кога би можело да се случи тоа. Не се исклучува можноста овој закон да се најде пред пратениците во вторник и без претходна средба на работните групи на партиите.

– Најдобра опција е консензусот да се прави во Собрание. Пратен е текстот и добро е сите пратеници што имаат забелешки да поднесат амандмани – информираат од Министерството за правда, каде што се подготвуваше текстот на законот.
Додека се чека расправата во Собрание, дополнителна дилема во правната сфера е и сегашното функционирање на СЈО, со оглед дека главната обвинителка и потписничка на сите одлуки Катица Јанева е во притвор, а изборот на нејзин заменик е заглавен во правнополитичките лавиринти.

Според јавниот обвинител Љубомир Јовески, излез од оваа состојба би можел да се најде во назначување на в.д главен обвинител на СЈО од редовите на сегашните обвинители во ова обвинителство. Јовески смета дека Советот на јавни обвинители треба да констатира дека специјалната обвинителка е спречена да ја извршува функцијата и да именува в.д. од редот на обвинителите од СЈО. Со ваквата констатација на Јовески не се согласуваат некои од познавачите на состојбите во правната сфера, кои сметаат дека функцијата в.д. специјален обвинител не постои.
– За да се примени супсидијарно Законот за ЈО во конкретниов случај, Катица Јанева прво мора да биде разрешена, а за да биде разрешена има едночудо процедура – смета професорот Димитар Апасиев.

Тој појаснува дека најпрво обвинителката Вилма Русковска треба да го извести Советот на јавни обвинители дека е поведена кривична постапка против Јанева, по што Советот подготвува писмен извештај за основите за разрешување поради нестручно и несовесно работење, кој го доставува до јавноста и до парламентарната комисија за избори и именувања, по што комисијата доставува предлог до Собрание за разрешување.

– За предлогот мора да постои претходна согласност на четирите политички партии со најголем број пратеници. Собранието на РМ, со двотретинско и Бадентерово мнозинство, го усвојува предлогот за разрешување и го праќа повторно до Советот на јавни обвинители. Дури сега Советот носи одлука за разрешување на специјалниот обвинител – појаснува Апасиев на својот фејсбук-профил.
Според него, разрешениот обвинител има право на тужба против одлуката за разрешување пред Основниот граѓански суд Скопје за враќање на работа.


Стефанова: Ако не се донесе законот за ЈО, му даваме простор на криминалот

Апел до политичарите и партиите за наоѓање решение за иднината на СЈО побара и обвинителката од ова обвинителство Лиле Стефанова.
– СЈО се наоѓа во една од најтешките состојби од основањето до денес и затоа апелирам политичарите и сите чинители на политичкиот систем да го донесат законот за јавно обвинителство, за да немаме прекин во постапките. Не зборувам само за оние што се во судска постапка туку и за сериозните истраги што ги имаме. Со неносењето на законот, немањето овластување или поставувањето на прашањето дали имаме овластување, му даваме простор на криминалот – рече Стефанова по вчерашното рочиште за предметот „Титаник“.
Таа уште додаде дека никогаш не била блиска со Јанева и дека од самиот старт се оградила од неа. Стефанова истакна дека не се гледа како наследничка на специјалната обвинителка.


Русковска го достави извештајот за притворот на Јанева до Советот на јавни обвинители

Извештајот на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во врска со случајот „Рекет“ и отворената истрага против специјалната обвинителка Катица Јанева вчера беше доставен во Советот на јавните обвинители, потврдија од обвинителството.
Во извештајот се содржани деталите од постапката против Катица Јанева, истрагата за злоупотреба на службената положба на специјалната обвинителка и причините за барање на притворот.
Советот на јавни обвинители врз основа на овој извештај ќе треба да одлучи дали ќе бара разрешување на Јанева од позицијата во СЈО, а расправата би требало да се одржи на почетокот на идната недела.


Јанева сместена во посебен оддел во Шутка

Откога Кривичниот суд завчеравечер ја отфрли жалбата на шефицата на СЈО, Катица Јанева, за определениот триесетдневен притвор, таа останува во истражниот затвор во Шутка. Специјалната обвинителка е сместена во посебен оддел на истражниот затвор во Скопје поради безбедносна процена и не се наоѓа во женското одделение.
– Со оглед на тоа дека станува збор за личност што била специјален обвинител, од посебен општествен интерес, и бидејќи тоа е така брзо направено, ние сметавме дека во еден временски период ние треба да направиме комплетна процена од безбедносен и здравствен аспект – вели директорот на затворот Есад Рахиќ.
Тој појасни дека друштво на Јанева во посебниот оддел ѝ прави уште една приведена.