Кој ја мати водата на Охридско Езеро?

371

Доделувањето концесија за Охридско Езеро со индиции за тешки прекршувања на законите и процедурите

Екипа на „Нова Македонија“

Транспарентноста, на која како принцип инсистира Владата, очигледно е срцевината за обезбедување доволно информации за јавноста во врска со работењето на администрацијата, особено околу постапките на јавните набавки и доделувањето на концесиите. Меѓутоа, овој принцип, на кој премиерот лично упорно инсистира и го почитува, а настојува до него да се придржуваат и неговите соработници, сѐ повеќе станува предмет на прекршувања од страна на дел од високите и од средните слоеви на администрацијата. Тие со своето работење внесуваат многу недоследности во постапките, а постојат и низа индикации за свесни злоупотреби и незаконитости. Доделувањето на концесијата за Охридско Езеро е последен од низата примери…

Премиерот Зоран Заев, иако за голем дел од работите што се случуваат со водите на охридскиот бисер не може да биде во тек, бидејќи и нивото на оперативната работа е пониско, сепак, според неформалните информации, тој лично се заложил работите да се расчистат докрај и се разбира, принципот на легалитет и доследното почитување на законите и прописите да бидат целосни.

Индикации за прекршување на процедурата, фаворизирање понудувач или само тешки пропусти?!

Пропустите и контроверзиите за доделување на концесијата за Охридско Езеро ја следеле процедурата од самиот почеток. Според извори од комисијата, уште при отворањето на понудите, документот за финансиската способност на фирмата, која подоцна и ја добила концесијата за изминатите три години, бил пропуштен. Понатаму, не биле ставени на увид обрасците на вработените лица и нивните лиценци, што исто така е услов за добивање концесија. Изненадување исто така е дека фирмата што ја добила концесијата, односно сопственикот имале негативна референца за оваа област. Тоа практично значи дека соодветниот субјект со негативна референца не смее да учествува во процедури на јавни набавки и концесии, а доколку поднесе документи, тој ќе биде веднаш отстранет од процедурата и против него ќе биде поднесена пријава, односно ќе биде парично казнет.

Која фирма ја добила концесијата и колку пати се прекршени законите?

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ѝ ја доделило концесијата за стопански и рекреативен риболов на Охридско Езеро на струшката фирма „Летница – Белвица Милорад“, која немала комплетна документација на тендерот и чиј сопственик претходно имал негативна референца за работа во оваа област, која му истекува на 25.7.2021 година, а која ја добил откако државата ја раскинала концесијата со претходниот концесионер „Пастрмка 2012“, каде што тој бил одговорно лице на подружницата во Струга именувана „Пастрмка 2013“.
Прекршени се и условите во тендерот, бидејќи фирмата што ќе добие концесија за рекреативен риболов мора да има во континуитет двајца рибочувари, додека за стопански риболов 12 рибочувари, но во податоците на Агенцијата за вработување заклучно со 27 јуни оваа година, во фирмата „Летница – Белвица Милорад“ се пријавени само петмина рибочувари.

Пробивањето на роковите голем проблем за принципот на легалитет

Проблематично е и пробивањето на роковите, бидејќи според Законот за јавни набавки, по отворањето на понудите, одлука требало да се донесе во рок од 45 дена. Тој рок бил пробиен, оти понудите биле отворени во декември минатата година.
По истата основа бил пробиен и рокот на понудите, кој бил 120 дена, како и гаранциите на понудата, кои имале важност од 150 дена.

Згора на тоа, сопственикот на „Летница – Белвица Милорад“, како одговорно лице во подружницата во Струга, продолжил да рибари и да откупува риби од рибарите во Струшко, иако претходно му била укината концесијата.
За сите овие недоследности и прекршувања на законите, за кои „Нова Македонија“ располага со обемна документација и информации добиени од добро упатени извори, побаравме одговор од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, но до затворање на овој број од весникот, оттаму немаше никакво објаснување.