Фото: Маја Јаневска-Илиева

Денови на руската наука во МАНУ

Тргнувајќи од премисата дека „науката преставува вистински водич на цивилизацијата, животот, и успехот“, претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев денеска свечено ги отвори на Деновите на руската наука во организација на МАНУ, Aмбасадата на Руската Федерација и Почесниот конзулат на Руската Федерација во Охрид, што ќе се одржуваат до четврток.

Деновите на руската наука во МАНУ, претставуваат своевиден континуитет на „Деновите на рускиот јазик и култура“, што се одржаа во септември годинава, а повод за овие настани е фактот што 2021 година е прогласена за година на науката и технологијата во Русија.

Како што истакна амбасадорот на Руската федерација во Македонија, Сергеј Баздникин на свеченото отворање на своевидната билатерлна научна конференција во МАНУ, во Русија се одржани и се планирани вкупно 86 настани, кои му овозможуваат на широкиот круг учесници да се запознат со историјата на развојот на руската наука на достапен и информативен начин.

На отворањето со поздравни зборови се обратија претседател на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, ректор на Московската државна академија за ветеринарна медицина и биотехнологија „К.И.Скрјабин“, д-р Сергеј Владимирович Позјабин, ректор на Новосибирскиот државен аграрен универзитет, д-р Евгениј Владимирович Рудој, почесениот конзул на Русија во Охрид, проф. д-р Велимир Стојковски, како и амбасадорот Баздникин.

– Македонските и руските научници отсекогаш имале, а и денес имаат плодна соработка. Така, на пример, д-р Крсте Петков Мисирков, македонски филолог, кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис, славист, историчар, етнограф, аналитичар на национално-политичките проблеми, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво, е основоположник и активен учесник во македонските научно-литературни друштва во повеќе градови во Европа, вклучувајќи го и Санкт Петербург. Во минатото МАНУ и РАН имале долгогодишна соработка којашто се надевам наскоро ќе ја обновиме. Во моментов претседател на Руската академија на науки е физичарот Александар Сергеев, којшто целата своја научна кариера ја поминал во Институтот за применета физика на Руската академија на науките во Нижни Новгород, каде што работел на нелинеарни феномени во физика, област во којашто сум работел и Институт со којшто сум соработувал во минатото – кажа претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев во своето обраќање на отворањето на Деновите на руската наука.

Амбасадорот Баздникин истакна дека развојот на науката е еден од приоритетите на руската држава. Во периодот од 2019 до 2024 година се спроведува националниот проект „Наука“, а една од неговите цели е земјата да се вброи во првите пет светски научни лидери во клучните области.

– Сѐ разбира, ова само малку ја отвора завесата на светот на големите откритија на нашите научници. Целокупната листа на нивните достигнувања од светско значење кои влијаеше врз научниот и технолошкиот напредок, е навистина преголема – за да се наведат сите во детали треба повеќе време. Само ќе ве потсетам на неодамнешни: во февруари 2021 година, во Русија е пуштен во работа најмоќниот реактор со брзи неутрони во светот, а од минатата година, нашата земја разви неколку вакцини против ковид-19, вклучувајќи ја и првата регистрирана во светот, „спутник В“. Освен значајните резултати од научните истражувања, руската наука се одликува со долгогодишни просветителски традиции, а нивните темели ги постави големиот руски научник Ломоносов – кажа во своето обраќање Баздникин.

Поранешниот ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Велимир Стојковски, кој е и почесен конзул на Русија во Охрид, на свеченото отворање на научната конференција откри дека денешниот современ свет не би можел да се замисли без руските откритија и изуми – електромотор, радиоприемник, велосипед, колор телевизор, ласер, авион, ракетно-космичка техника и многу други.

– Во текот на целата година во Русија се одржуваат различни манифестации на кои се празентираат научните достигнувања, се разменуват мислења и се дискутира за иднината. Во таа насока и ние со организирање на „Деновите на руската наука“, ќе го дадеме нашиот скромен придонес во одбележувањето на оваа важна година за науката, година кога научниот потенцијал од целиот свет ги стави на располагање своите знаења и капацитети, за решавање на заедничкиот пробем – пандемијата со коронависусот – рече Стојковски.

Во поздравното писмо до собирот на претседателот на Сојузот на ректори на Русија, Виктор Садовничиј, воедно и ректорот на МДУ „М.В. Ломоносов“ истакна дека овој универзитет има дамнешни и постојани контакти со Македонија. На Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет е од 1975 година започнало изучувањето на македонскиот јазик, а воспоставени се и активни врски со Правниот факултет при УКИМ.

Во рамки на настанот, кој во најголем дел ќе се одвива онлајн, ќе се одржат четири предавања од различни научни области: вештачка интелигенција, биохемија и молекуларна биологија, земјоделски и ветеринарни науки. За овие теми ќе говорат академик Љупчо Коцарев, проф. д-р Велимир Стојковски, проф. д-р Евгениј Варисович Камалдинов и проф. д-р Лариса Александровна Гнездилова. Ј.П.